Тел. : +389 70 453 573

„Црно небо“ кон изложбата на Ѓорги Динев

Германскиот сликар Ото Волфганг Волс во својата единствена поема запиша :
Очите, кога се отворени
Ја смалуваат концентрацијата.
Надворешните и видливи резултати
се зголемуваат во релативен сооднос
спрема оддалечувањето од совршената состојба.
Се подразбира дека најубавите дела се најтешко видливи.
Големите дела со надворешен сјај
евтини се
не бараат многу напор, овозможуваат леснотија
но немаат трајна вредност.

Апстрактно кое пронижува низ сешто!
Недостижно е.
Во секој миг, во секое битие
Вечноста е присутна.
Сликата може да биде во некаква врска со природата
Но само каков што е односот на Баховите фуги со Христос.
Тука не се работи за копија
Туку за аналогно создавање.

Токму оваа пророчка визија на Волс ја имам пред очи кога ги гледам сликите на Ѓорги Динев. Овде нема копии на стварноста, туку само нејасни визии за бескрајот. Апстрактно кое пронижува… Но дали се тоа само слики? Што е сликарско во овие графики и сурови цртачки експерименти, или пак што е графичко во овие слики со жесток монохромен израз!? Двете прашања водат кон нерешлива формула создадена во услови и начин за кои само авторот е свесен. Овие дела се пред се, автобиографски записи, ракописи, писма напишани, никогаш да не бидат испратени. Letters I’ve written, never meaning to send.
Но, писмата кои се неиспратени, или спалени, или скриени во некоја кутија, се наменети за некој. Кој е тоа? Што е тоа? Ќе ги прочита ли некогаш? Во овие дела нема да го најдете одговорот на веќе подготвената претстава за уметноста, на клишеата и стереотипите за нејзината функција, или она кое го барате како решение за вашите естетски шпекулации. Нема украси за вашите ѕидови, за вашите домови ентериерно подготвени со празни места во кои само понекогаш архитектот за внатрешно уредување, предвидел и простор за рамка во која можеби ќе биде сместена некоја „уметничка“ слика. Нема разубавување на светот, затоа што тие самите не се од овој свет. Овој ракопис е исечок од некој непознат и далечен универзум, во кој формата не постои во контекст на нашето поимање за појавното.

Има едно парче небо искинато и залепено врз еден сив простор пресечен од една вертикала. Една згрутчена маса црна боја која се шири како дамка врз телото на сликата. Еден предел опустошен и сув. Хаотични линии кои се движат според бурата на нервите. Пори на жив организам полни со сок. Можеби тука се кријат пејзажи? Но и ако ги има, тоа се пејзажи на душата која трага по својата смисла. Душата во дисхармонија со телото. Кога го прашаа еднаш Џексон Полок, дали би сликал пејзажи, тој одговори – „Јас сум пејзаж!“. Дури и да има перспектива, таа е внатрешна перспектива.
Еден плус еден не е два, туку само едно поголемо „еден“. Невозможноста да се одговори на прашањето лежи во погрешното поставување на тезата. Ликовниот уметник подобро да не биде прашан, затоа што тој тогаш нема да знае да ви одговори. Ако не го прашате, ќе знае. Така милуваше да се одбрани од бесмислените прашања Св. Августин.

Винсент ван Гог предвиде еднаш дека уметноста на иднината нема да е само убава, туку и вистинита. Волс отиде подалеку. Уметноста ќе биде толку лична работа, вели тој, што постои можност таа никогаш да не биде споделена со светот. Но какво дејство имаат иднината и минатото во обликувањето на едно дело? Можам слободно да кажам дека има толку истории на уметност, колку што има личности кои креираат уметност. Дали едно дело е создадено во пештерите на предисторијата или катакомбите од почетокот на христијанската култура, или пак нашите современи ателјеа, тоа е само статистика. Се е создадено од еден човек. Творецот.

Делата на Ѓорги Динев се структурални, навидум хаотични, но во нивната структура владее совршен распоред. Беспрекорна е ликовноста во композицијата. Ликовните закони не секогаш се во хармонија со визуелните закони на природата. Ликовниот свет е автономен, независен и како таков тој содржи во себе посебни кодови на идентификација. Идентитетот на едно ликовно дело е озаконет преку отисоците и трагите од плотта и крвта на самиот автор, креаторот. Тие отисоци се видливи во овие дела. Самата техника е трансцедентна, некласична. Цртежот како да е изгребан во ѕид. А порите наполнети со таинствена течност. Мувлата на ѕидот има своја функција во светот на визуелното. Пајажината во аглите на собата, темната мрснотија во фугите на тулите. Тука се судрени графичарот и сликарот со своите концепти и од овие дела ние сеуште не можеме да видиме кој концепт ќе победи. Тој судир е жесток, на места со искрење и неподнослива (не)склопливост. Но делата функционираат како такви.

Околу главниот судир секогаш има тишина, празнина, осаменост. Некои од делата се како пред експлозија, но таа е внатрешна експлозија, тивка и нечујна за светот. Мислам дека овие дела ќе имплодираат во нов циклус, нова преобразба. Но тоа сега и не е толку важно. Уметноста фиксирана за материја, во еден миг, станува вечна.
„Во секој миг, во секое битие, Вечноста е присутна“.

Никола Пијанманов