Тел. : +389 70 453 573

СЕЌАВАЊЕ НА ЕДНА УМЕТНОСТ

Кон изложбата на струмичките ликовни уметници Атанас Мучев, Василка Христова, Момчило Петровски Момо, Стојче Гоцков, Стојан Пачов во организација на Здружението за култура Транзен) Галерија Музеј Струмица октомври 2016 год.

Основна цел на уметничкото дело е да ја сочува убавината од распаѓање и од заборав, да го посведочи мигот на создавањето во темната судница на земната амнезија, кадешто единствен обвинет ќе биде творецот; и во тоа дилеми нема. „Да тврдиш поинаку е чиста статистика“, напиша Хорхе Луис Борхес.
Ликовната уметност ја врамува скаменeтата ништожност токму во оној миг кога таа треба да исчезне од видливиот свет. Таа постои за да се сеќаваме! И ја сочувува онолку колку што е потребно, за да остане како објективизирана визија пред оние кои треба да го спознаат доказот за постоењето на чуда. А постои ли поголемо чудо од сликарството?! Тоа е минимум територија во хаосот на светот, освоена од уметникот кој сака да го сочува (и направи видлив) својот внатрешен свет и ако е возможно, да го покаже пред сите, затоа што уметничкото дело е наменето за сите, иако е створено во тешка самотија. Оаза на смислата, тоа е она мало парче платно, врамена штица или хартија. Колку можат да истраат, а да го надживеат цветот од една градина?! Или лишајот на една кора дрво?! Врамена бесконечност, таков е оксиморонот на сликарството.
Сакам да се осврнам на оние творци со жесток творечки нагон, волшебници на колоритот во светот на сивилото, кои, по наша вина, два пати ја доживеале сопствената смрт. Едната физичката, неодминлива, а другата- заборавот на нивните дела. Соочувањето со првата е голема човечка трагедија. Втората смрт е голема цивилизациска трагедија. Ј.Л.Ф.Менделсон ги откри партитурите на „Пасија според Матеја” од Ј.С.Бах во лајпцишките месарници, како убава хартија за пакување месни нарезоци. Една слика на Ван Гог била искористена за вратата од кокошарникот на докторот Реј. Современици сме на рушењето (овде, пред нас!) на еден епски мурал од сликарот Иван Велков, кој по својата внатрешна убавина наликуваше на музиката на Игор Стравински. Скулптуралното ремек дело на Димо Тодоровски беше откорнато од просторот и однесено во депонијата за топење и рециклирање на метали, со сите останати ѓубришта на човечката цивилизација. Колку ремек дела се разградуваат по заборавените канцеларии на градските и државните институции?! Кога ќе ги здомиме и згрижиме сликарските богатства во цивилизиран музеј (во XXI век), оставени да се распаѓаат во темниците на подрумските и таванските депоа, на нашите културни институции?! Во современиот свет се создаваат уметнички дела од рециклиран депониски отпаден материјал, овде се случува обратниот процес. Врвните уметнички дела ние ги рециклираме, во (депо)ниски материјал.
Еден лик од драмата „Пjер Гинт” на Хенрик Ибзен, лиеше копчиња во мало калапче од материјалот на човечките битија кои не можеле да го наследат ниту рајот ниту пеколот. Бездната на ништожноста оди дотаму што дури и одливоците на некои од тие копчиња беа со производствена грешка. Траорна деперсонализација на личноста! Двојна пројава и материјализација на бесмислата!
Какво проклетство нѐ опфатило, да ослепиме пред убавината?! Можеби затоа таа сѐ поретко се појавува во форма, стравувајќи да излезе од сонот на творецот, за да не биде заборавена во јавето.
Отсекогаш сум се чудел на способноста на нашиот народ да сочува толку многу непотребни и бесмислени предмети во своите визби и подруми, а толку лесно да ги отфрли на буништето на заборавот уметничките дела оставени од своите предци; делата кои се откриени на овие простори и положени во ковчегот на времето, ковчегот кој требаше да ја премине реката на смртта.
Кога ќе видите рамка направена за да ја разубави сликата, бидете сигурни дека тоа не е само обична декорација за украсување на ѕидовите. Рамката на сликата е одбрана на внатрешниот уметнички свет од надворешниот. Оној надворешен – кој сака сѐ што се родило внатре да го исфрли нанадвор, кон апсурдот на постоењето. Тоа е тврдината со која се брани оазата на сликарот.
Патот на уметникот е аскетски, духовен пат. Само правецот на движењето може да биде различен. Затоа и жртвата која секој голем уметник ја прави е откажување од удобноста и цревоугодието на овој свет. Оттаму и тој благослов на уметникот да го рефлектира (некогаш нејаснo како во огледало, некогаш бистро како кристал) совршенството на нераспадливоста и Вечноста во своите дела. „Мора конечно да се разбере и признае законот на постоењето, според кој, човекот во својот ограничен и релативен земен живот ја создава убавината, само ако верува во друг, бескраен, апсолутен и бесмртен живот”, напиша Николај Берѓаев. Големата моќ на уметникот е да ги осмисли нештата, кои во секојдневието станале неподнослива баналност, а во неговите дела – непроценлива скапоценост. Јаболкото кај Сезан, гладиолите во вазната на Хаим Сутин, портретите со склопени очи на Модилијани, старците на Рембрант, бедните исушени полиња и скршените сончогледи на Ван Гог. Сите тие претстави ги гледаме ние секојдневно, тука сe, пред нас, но ги одминуваме со погледите и мислите. Не значат ништо во нашиот фиксиран поглед на светот. Ништо повеќе не може да нe зачуди во овој свет кадешто сe е веќе „објаснето и видено”.
Не знам дали постојат помистични алхемиски документи од тефтерите на Момчило Петровски – Момо, кои ги пронајдов во неговото ателје. Таму, во минијатурни димензии за нас, но монументални за уметникот, се исцртани контурите на неговите следни дела, во прецизни метафизички димензии познати само за алхемичарот, кој од обичен ореов трупец има моќ да ослободи на овој свет еден трагичен портрет. Којзнае колку малку од овие големи замисли успеале да се материјализираат, за да ги видиме и ние во овој свет. Жестокоста на неговите слики, набиени со страшна температура од која зрачи светлината на уметничкото брзо согорување.
Кај вистинските уметници делата се остваруваат уште пред да бидат реализирани во материјал. Сликите на Момо се создадени во транс. Слична судбина имаа и сликарите Волфганг Волс и Џексон Полок. Не можете да се загледате внимателно во нивните слики, а одвнатре, тивко насетувајќи, да не го препознаете восокот од тие брзо растопливи свеќи, кои блескаат во матните и темни ателјеа, но за кратко, само колку да ни пренесат една голема вистина за внатрешното творечко доживување. Затоа и толку кратко живеат некои сликари. Едноставно неиздржливо е кога ќе се размешаат двете светлини, онаа одвнатре и онаа однадвор, таа страшна утринска светлина од надвор, која го дочекува затекнат сликарот во своето ноќно бдеење. Стануваат пепел…
Тука се и портретите на Атанас Мучев. Ги пронајдов нагризени од влагата на минливоста и распаѓањето. Исчезливоста ги досликала неговите слики, уште повеќе ги растопила и сфуматирала контурите на цртежот и боите, и ги преобразила во една нова слика. Затоа што делата на големите мајстори патинираат, не руинираат, се преобразуваат во дела кои во себе го втиснале печатот на историјата, но и на метаисторијата. Чудесни акварели кои со својата прозрачност продираат низ целото битие на моделот. Замаглени очи. Тажни погледи на непознати луѓе. Старец, портретот на анонимната жена, човекот со црн шешир… Кој може поубедливо да посведочи за постоењето на овие луѓе од акварелите на овој голем мајстор?! Неговите едноставни минијатурни пејсажи, во еден експресивен залет на сликарскиот поглед кон природата, нѐ потсетуваат на Тарнеровите скици. Многу е значајно сеќавањето на Стојан Пачоов, ученикот на Мучев, кој ќе се присети и ќе запише нешто што големиот сликар и учител постојано го повторувал: „Дали живееш за да јадеш или јадеш за да живееш?!“ Или неговата често повторувана формула: „Во едно дело – ситницата го создава совршенството.“
– Јас сум човек чиј живот и душа се страдање.
Сликарството на Стојче Гоцков можеме слободно да го споредиме со иконографијата во филмовите на Сергеј Параџанов. На ист начин крварат калинките во сликите на Гоцков – како во светот на големиот режисер. Сокот исцеден од тоа рајско овошје кај двајцата уметници е ранетата и раскрварена измачена душа, која се бори во овој свет како рибите што претат во сувото и молат за капка вода, од почетокот на филмот за ерменскиот поет Сајат Нова. Кој можел да го разбере поетскиот свет на Стојче во оваа културна суша? Во творечкиот свет на Гоцков постои едно место од кое се повлекла водата на езерото. Сув брег кој мириса на далечно море. Постои цела серија слики на школки оставени на сувиот брег, кои жеднеат по изворот. Школките во сликите на Гоцков се метафора на вечната судбина на творецот: да постои во средина несродна со неговото битие, но и покрај тој тежок пад, со својот природен дар и украс, да ја прослави божествената честица на земјата. Имаме тука еден автопортрет од кој, како од некоја прастара слика, нѐ гледа спокојниот и тажен поглед на сликарот. Прочистен, спокоен, мудар и посветен поглед , како оној на Лао Це.
Делата на Василка Христова останале непотпишани, без сигнатури и ознаки за годината и времето кога биле создадени. Можеби ги сметала своите платна за недовршени, (постои ли довршено и совршено дело додека е жив авторот кој го создава?) можеби сакала да остане анонимна, како што и многу автори низ целиот свет останале: непознати и неидентификувани. Можеби не ни помислувала на тоа дека сликата е место кадешто треба да стои еден таков, понекогаш излишен, административен запис, каков што е потписот и годината. Од малкуте слики кои успеав да ги пронајдам, без двоумење можеме да насетиме сликар од рангот на Кираца Висулчева (нејзина генерација), а некои од сликите потсетуваат и на сликарството на Пандилов. Тука би ја истакнал сликата на рибарите во Дојранското Езеро, антологиско дело без кое не би можела да се замисли која било антологија на сликарството на авторите кои твореле и живееле во Струмица. Нејзиното творештво е тивко и спокојно,без многу драма и човечка експресија. Главниот мотив и нејзина сликарска опсесија е цвеќето во вазна, кое останува основен модел до крајот на животот. Разговорот со нејзините цвеќиња, хризантеми, темјанушки, лалиња, трендафили, е долг дијалог од кој ние можеме само малку да насетиме во нејзините слики за тајната на нивната заемна љубов, тајната на нејзината градина.
Сликарството на Стојан Пачоов е монументално и раскошно како средновековната црковна уметност. Колоритот на неговите платна е сув и пригушен како фреските на старите византиски манастири. Ѕидовите на фасадата на средновековната манастирската црква, изградена од Комнените, Св.Богородица Елеуса е неверојатна ликовна композиција самата за себе, издвоена од цивилизацискиот естетски концепт на византиските ликовни принципи. Таа, заедно со промените на времето и историските текови, се насликала и станала автономен сликарски концепт. Такво е сликарството на Стојан Пачоов,како ѕидовите од манастирот.
Од најраните негови дела, средношколските акварели и цртежи, веднаш заклучуваме дека се работи за голем мајстор на цртежот и колоритот. Моќната и строга композиција и мајсторски прецизниот цртеж, постојано се судруваат со слободно нафрлената боја. Од овој судир настанува вистинска ерупција на сликарскиот вулкан на Пачоов. Сличниот пристап можеме да го препознаеме во генијалните дела на Петар Лубарда. Серијата слики на манастирите и пејзажите кои потекнуваа од бесконечниот простор на струмичките полиња, се антологиски дела на современото македонско сликарство. Сувата земјена боја од манастирските ѕидови, на еден суптилен начин, во неговите пејзажи се претвора во исушени летни полиња. Тоа е таа боја, таа златно-жолта суша, од детството и родниот град, која авторот ќе ја пренесе низ целиот свет со себе, до крајот на својот живот.
Како ќе ја спознаеме новата уметност, без да ги препознаеме делата на нашите предци? Како што археологијата ги откопува предметите на праисторијата, под закопаните цивилизации, ќе успееме ли да ги откриеме делата на овие сликари?! Можеме ли да ги одделиме, размешани со секојдневните дребулии кои многу евтино се продаваат на тезгата на потрошувачкиот свет? На територијата на оваа земја, со векови, едни помалку даровити уметници-зоографи ги пресликувале фреските и иконите на старите мајстори. Под слоевите на просечните и површни слоеви од ѕидно сликарство, (во охридската катедрала Света Софија, во манастирот Свети Пантелејмон во Нерези) реставраторите го откопаа најголемото богатство на византиската уметност. Така денес делата на овие пет уметници (и многу други) се cкриени под сенката на модерните увезени „принтови” и трендовски тапети со кои ги „живописаме“ современите објекти. Само ако трајно ги одвоиме и ги изложиме, осветлени во една свечена постојана поставка, отворена за сите, ќе можеме да ја спасиме нашата кревка култура од неизбежниот налет на колективниот заборав.

Никола Пијанманов, ликовен уметник