Тел. : +389 70 453 573

100 ГОДИНИ СТРУМИЧКА ЛИКОВНА УМЕТНОСТ

Од печат излезе монографијата „100 години струмичка ликовна уметност“, проект кој го реализира Здружението за култура Транзен во соработка со Општина Струмица и финансиска поддршка од програмата Цивика мобилитас. Поводот за оваа книга е отворањето на новата градска галерија во Струмица, но пред се, одбележување на ликовната дејност во градот во периодот од 1921 до 2021 година. Еден ретроспективен пресек на тековите на ликовната сцена во градот. Во книгата се застапени 150 репродукции во боја. Хронолошко-критичкиот осврт е на историчарот на уметноста Марјан Минов, а монографијата е збогатена и со рецензии од каталози, сведоштва и спомени од повеќе писатели, хроничари, историчари и уметници.
Уредник на монографијата е Никола Пијанманов, а главен стручен соработник е ликовниот уметник Ниче Василев. Дизајнот и ликовното обликување е на Тиме Гарванлиев.

100 ГОДИНИ ТВОРЕЧКА САМОТИЈА
Пред да си го поставам прашањето, дали во еден град, едно место, простор ограничен, може во континуитет да функционира ликовната уметност без прекини и отсечки, морав да си го поставам прашањето: зошто се твори, зошто се прават слики, скулптури, цртежи, графики, се реализираат изложби и се посветува голем дел од животот во ателјето, во галериите, бдеејќи пред секоја црта, линија, дамка од боја, како дежурни чувари на естетскиот живот во едно место, а притоа добар дел од тие творци се заборавени, скриени, поттурнати на маргините од светот, неконсултирани за ниедна одлука, чин, дејствие, културно одлучување…Вреди ли да се посвети целиот живот на уметноста, ако со неа не можеме да го промениме светот? Не само светот, не можеме да го промениме и најмалото место и опкружување во кое сме родени и во кое постоиме. Луѓето околу нас. Не! Но, вреди нешто друго, поголемо и позначајно од се. Нешто пред кое сите можат само да останат во тивко созерцание.
Самите уметници се промениле себеси додека ги твореле своите дела, и додека бдееле во ателјеата, самите уметници станале големи луѓе, длабоки, суштински, карпа луѓе, темели на кои ќе се изгради невидливата зграда на цивилизацијата!
Ја слушате ли тишината на оние кои не се меѓу нас? …………………………………………
Не, тоа не е штама, молк, не е празнина. Слушнете колку е долга и полна таа тишина, колку е полна со слики и сеќавања.
Сакам да се осврнам на оние творци со жесток творечки нагон, волшебници на колоритот во светот на сивилото, кои, по наша вина – два пати ја доживеале сопствената смрт. Едната физичката, неодминлива, а другата-заборавот на нивните дела. Соочувањето со првата е голема човечка трагедија. Втората смрт е голема цивилизациска трагедија. Колку ремек дела се разградуваат по заборавените канцеларии на градските и државни институции?! Во современиот свет се создаваат уметнички дела од рециклиран депониски отпаден материјал ,овде се случува обратниот процес. Врвните уметнички дела ние ги рециклираме ,во (депо)ниски материјал. Какво проклетство нѐ опфатило, да ослепиме пред убавината?! Можеби затоа таа сѐ поретко се појавува во форма, стравувајќи да излезе од сонот на творецот, за да не биде заборавена во јавето.
Отсекогаш сум се чудел на способноста на нашиот народ да сочува толку многу непотребни и бесмислени предмети во своите визби и подруми, а толку лесно да ги отфрли на буништето на заборавот – уметничките дела оставени од своите предци.

Кога ќе видите рамка направена за да ја разубави сликата, бидете сигурни дека тоа не е само обична декорација за украсување на ѕидовите. Рамката на сликата е одбрана на внатрешниот уметнички свет од надворешниот. Оној надворешен – кој сака сѐ што се родило внатре да го исфрли нанадвор, кон апсурдот на постоењето. Тоа е тврдината со која се брани оазата на сликарот.
Патот на уметникот е аскетски, духовен пат. Само правецот на движењето може да биде различен. Целта е секогаш надземна, надсветовна, иако, само навидум, основната цел на уметничкото дело е да го украси и разубави светот. Мораме да знаеме еднаш засекогаш, дека големите уметнички творби се патокази на човечката потрага по Вечноста, Вистината и нераспадливоста. Затоа и жртвата која секој голем уметник ја прави е откажување од удобноста и конформизмот на овој свет. Бдеење со факелот на Прометеј. Оттаму и тој благослов на уметникот да го рефлектира (некогаш нејасно – како во огледало, некогаш бистро – како око) совршенството на нераспадливоста и Вечноста во своите дела.
„Мора конечно да се разбере и признае законот на постоењето, според кој, човекот во својот ограничен и релативен земен живот ја создава убавината, само ако верува во друг-бескраен, апсолутен и бесмртен живот”, запиша Николај Берѓаев. Големата моќ на уметникот е да ги осмисли нештата, кои во секојдневието станале неподнослива баналност, а во неговите дела – непроценлива скапоценост.
Денес го славиме отворањето на новата градска галерија во центарот на градот Струмица, со надеж дека таа ќе стане вистински храм на уметноста. Храм, затоа што, како што во храмот постои правило на совршеност и непроменливост во принципите на чистотата и убавината, така и во галеријата, ние сме обврзани да го сочуваме естетскиот критериум на творечката искреност и перфекција. Тука, во овој простор мора да владее апсолутната хармонија на визуелната творечка кристализација.
Но, како ќе ја спознаеме новата уметност, без да ги препознаеме делата на нашите предци? Онака, како што археологијата ги откопува предметите на праисторијата, на закопаните цивилизации, ќе успееме ли да ги откриеме под прашината, делата на нашите големи сликари?! Можеме ли да ги одделиме, издвоиме, селектираме, од секојдневните дребулии и предмети кои толку евтино се продаваат на тезгата на потрошувачкиот свет?
Уметноста е безвремена, безпросторна река која тече од почетокот на светот до крајот на времето. Изворот на таа река е срцето на човекот. Сите ние, сме само минливи набљудувачи на течението на таа река. Од праисториските дланки во пештерите, до сликите на уметниците во денешните галерии. Истиот крик, радост, тага, трага, печат, восхит, бол, мечтаење, вистина, живот и смрт. Вечнеење. Самоспознание.
Таа вечна потреба на човекот да остави трага за себе во песокта на времето, во тишината на просторот.
И јас бев тука. И ние видовме.
Ars Longa Vita Brevis. Уметноста е вечна, животот е краток.

Никола Пијанманов 2021 год.