Тел. : +389 70 453 573

Автопортрет во самоизолација

Третата по ред изложба „Несовршен простор“ која ја организира „Здружението за култура Транзен“ се погоди во време на пандемија и изолација на населението. За прв пат уметниците во овој век беа соочени со буквално и присилно изолирање во сопствените домови и ателјеа. Делата кои настанаа како резултат на сеуште актуелната пандемична ситуација, допрва ќе го видат светот на презентацијата и изложбите. Затоа одлучивме изложбата оваа година да биде посветена на себеперцепцијата или Автопортретот. Ништо поскладно за времињата во кои живееме од изложба со автопортрети настанати во самоизолација.
Ликовната тема автопортрет, себеистражување, себеоткривање, себенабљудување и созерцание не е она кое денеска го познаваме како феноменот „селфи“ (Selfie), техника на брза и по кратка постапка презентација на површното „Јас“ или себеси пред публиката. Затоа што, ако нема каде да биде веднаш прикажано, Селфи нема ни да постои, тоа е органски врзано повеќе за гледачите отколку за субјектот. Но, историјата на уметноста го памети автопортретот како врвен дострел на себеспознанието, кога уметникот преку себе ќе ја опише цела епоха, преку најличното – општото. Тоа е едно друго, длабоко „Јас“. Јас кое продира во најдлабоките предели на неистражената човечка душа. Најголемите сликари низ времињата го изразија својот став, крик, повик, пророштво, повик и сведоштво преку автопортрет. Автопортретот како дисциплина го покажува пред се внатрешниот свет на уметникот, тој е интимен дневник на сликарот, сведоштво на себеси пред сегашноста, иднината, но и Вечноста. Јас сум оној кој можам да се согледам во целина. Јас сум Јас!
Што е смислата на себеприкажувањето во едно уметничко дело? Егоизам или начин за себеспознание? Созерцание или суета? Желба за видливост или криење на себе зад автопрезентацијата? Смирение или гордост? Што сликаме? Го сликаме огледалото или одразот во него? Зошто Ел Греко се наслика себеси како Светиот Апостол Лука, првиот сликар на христијанската епоха? Просветление или возгордевање? Рембранд, мајсторот на автопортретот, направи вистински дневник од сликите во кои се прикажа себеси низ сите фази на неговиот творечки живот. Секој негов автопортрет е трка со минливоста. Со уште подлабок приказ, потаинствен и потемен израз, како огледалата на неговиот трагичен живот, напукнати, искршени и замаглени. Неговите очи светат како свеќи од мракот на темните соби. Како поинаку ќе знаевме за немирните летни неба ако Винсент ван Гог не ги насликаше зад својот осаменички автопортрет како старозаветен пророк, со очи вдлабнати и продорен поглед кој може да ја пронижи секоја душа. Свитканите тела во агонија на Егон Шиле во кои бескрајно се повторува тој самиот, до последната слика. Неговото тело е како свиткано дрво од бура. Затоа што ние сме се’ и се што гледаме сме пак ние. „А јас сум точен збир на Вселената“ (Борхес). Од сите елементи во црнобелите фотографии од ателјето на Френцис Бејкон, највпечатливо е огледалото. Виси во средина на хаосот како еден вид порамнување на сметките со себеси, со сопствениот мир или бездна. Амајлија на постоењето. Ако се загледаш длабоко во огледалото, можеш да пронајдеш и некоја загубена ѕвезда, како во најтемна ноќ. Пол Гоген во најтешките страданија и болести се наслика себеси како Исус Христос. Леонардо да Винчи се нацрта како мудрец или старец кој крие недостижна философија и тајна. Џексон Полок на едно место кажа :„сите мои слики се еден бескраен психолошки автопортрет“. Преку автопортретите на Гоја можеме да ја видиме целата епоха во која уметникот живеел. Мрачна и замрсена од темнина. Од сите автопортрети пак на Едвард Мунк, проѕира болеста и стравот од неа. Спасе Куновски во последниот автопортрет, пророчки ја означи својата смрт, со цигара впротната низ лист хартија која во секој миг ќе го запали неговото лице. Дури и во иконата „Христос Спасител“ на Андреј Рубљов, верувам дека има автопортретски одблесок, озареност и отпечаток од неговото лице. Автопортретот е потрага по своето лице, персонализација на постоењето. Затоа можеби автопортретот е суштината во изразот на еден сликар, било да е тоа фигуративен или симболично – апстрактен израз. Во секое лице кое ќе го наслика уметникот постои по еден одблесок од сопственото лице. Како крајно соочување со себе, со сопственото битие, автопортретот е созерцание. Автопортретот е и исповед, еден вид пресметка со себеси, разговор со другиот „Јас“ или разговор со целовитиот„ Јас“. Панорама и пејзаж на сопствената душа. Кога Дон Кихот кажа дека се бори за слава и чест, тој мислеше токму за славата на себеспознанието. Триумфот на човечкиот лик над минливоста и распадливоста.
Во поезијата од циклусот „Автопортрети“, Рилке го опиша себеистражувањето во неколку стихови:
„Јас сум пауза помеѓу два звука
Кои едвај меѓусебно се во хармонија.
Затоа што тонот на смртта сака повисок да е!
Но во темен расчекор се сложуваат
Како во некоја треска овие два тона.
И песната убава останува“. (Рајнер Марија Рилке 1901 год.)

Периодот на изолација беше вистинскиот момент за себепреиспитување и проучување. Со автопортретите од шеснаесет македонски ликовни автори, реализирани во секакви техники ја заокруживме третата изложба „Несовршен простор“ на која еден автор и слика ќе го добијат симболичниот златен лист, во сеќавање на мајсторот на ликовната уметност Владимир Георгиевски (кој беше еден од најголемите мајстори токму на автопортретите.) Изложбата е вистинско единство од различните стилови и естетски ставови на сликарите. Нивните автопортрети ќе останат сведоштво за едно неизвесно време кое се развлекува во уште понеизвесни простори.

Никола Пијанманов 2020 год.