Тел. : +389 70 453 573

Монографија за ликовниот уметник Ниче Василев „50 години творештво“

Монографијата Ниче Василев „50 години сликарство“ е дел од активностите на Здружението за култура Транзен поддржано од програмата Цивика Мобилитас. Ова е четврта монографија за ликовната уметност во издание на Транзен. Во монографијата за Ниче Василев се сместени 150 репродукции во боја, фотографии, документи, плакати и цртежи од личната архива на авторот, но и од истражувачкиот материјал на уредникот. Уредник на книгата е ликовниот уметник Никола Пијанманов. Дизајнот е на уметникот Горан Јованов. Во книгата свои текстови имаат, самиот автор, д-р Тони Ќосев и академик Васко Ташковски.

Дел од интервјуто со уметникот Ниче Василев. Целосниот разговор со уметникот кој го водеше уредникот на книгата Никола Пијанманов, е сместен во монографијата.

Овој разговор го водиме во времe, невреме, кога сè уште живееме во пандемијата која цели две години го држи светот во страв и грч, но јас би сакал да го започнеме разговорот со една друга болест, пандемија која трае подолго од две години, а се вика рамнодушност кон уметноста, кон сликарството и изложбите. Што се случи, зошто светот, но првенствено нашиот народ, полека го губи осетот за убавото, жедта за естетика, за нешто поинакво, волјата за убавина и вистина, како да е сè потопено во секојдневното досадно повторување на грдото и блуткавото.

‒Рамнодушноста на луѓето кон уметноста не е од денес, таа постои отсекогаш . Но, денес благодарение на материјалистичкиот свет кој сами го створивме и во кој сме заплеткани, таа е исклучително изразена. Луѓето сè повеќе ги привлекува масовната култура која во наши услови и контекст, е крајно неквалитетна и евтина. За жал, таквите настани се финансирани и континуирано поддржувани од државните и општинските структури.

Би рекол некој дека развојот на уметноста зависи од социјалниот осигурен живот. Таканаречениот стандард. Но, како тоа, порано постоеле уметници кои живееле на работ на сиромаштијата, во сиромашни села и градови, а уметноста цутела на сите планови и нивоа. Денеска, пак, во изобилие од технологии, производи и продукти, никогаш толку не е маргинализирана. Дали комфорната зона не е поволна за творење?

‒Уметноста отсекогаш претставувала фактор за формирање на човечката личност. Таа имаше и образовен карактер. Дали човекот бил повеќе креативен во сиромаштија? Да! Тоа е факт. Човечкиот нагон да опстане, но и да се усоврши себеси духовно, го прави креативен и творечки активен. Творечкиот нагон секогаш бил спротивставување на немаштијата. Во тој судир се твореле генијални дела, а најбогатите од тие времиња, кралеви, грофови, кнезови се поклонувале пред тие дела. Денеска се поклонуваме со респект пред уметноста на старите мајстори. Што се однесува до современото творештво, тоа како да се гуши во агресивниот технолошки развој. Пристапот кон делата денеска не е искрен како порано, без вистински чувства и емоции. Како сè да станало импровизација и ефектност без суштина.

Се занимавате со сликарството 50 години! Половина век љубов со уметноста. И вашите слики се такви, преполни љубов и свежина од животот. Како одеше сликарскиот пат? Рамнолиниски или по угорнини? Тешко ли е да се биде творец кој останал покрај сите искушенија доследен на својот дар. Својот свет избор?

‒Низ сите мои творечки години никогаш не сум создавал во конфорна зона. За разлика од некои мои колеги, јас тешко го поминував мојот авторски пат. Но, никогаш не се предадов и опстоивв во таа сурова реалност. Повеќе од педесет години сум посветен на сликарството, се трудам колку можам да имам сериозен пристап и делата ги анализирам во ателјето долго, студиозно. Понекогаш на нив се навраќам и после неколку месеци. Сликите никогаш не се целосно завршени. Не ги разбирам колегите кои се жалат на тешките услови за работа. Вистинскиот творец секогаш ќе најде начин и причина да создаде нешто убаво, нешто значајно. Барањето причини за неуспехот е исто така неразбирливо. Без оглед на сите искушенија, уметникот е токму тој кој наоѓа решенија за најтешките прашања и од нив ја создава својата уметност.

Каков аманет би оставиле за помладите колеги, за оние кои допрва го започнуваат патот на сликарството? Дали вреди, покрај сè, да се посвети целиот живот на уметноста? Затоа што уметноста не е професија, ниту занимање. Таа е начин на живот, начин на постоење. Ниту е формула да се научи ниту задача која мора да се реши по точни координати.

Што е уметноста за Ниче Василев?

‒Уметноста не се учи. Или ја имаш во себе или не! Вие можете да ги студирате сите школи за уметност, но ако го немате талентот, никогаш нема да бидете креативен и плоден автор. Им препорачувам на младите сликари, пред сè, да се осврнат на сопствените чувства и автентичен израз. Да веруваат во сопствените можности и да ги развиваат, постојано. За мене уметноста е сè! Таа ме прави среќен, исполнет. Среќно е и моето семејство. Уметноста е радост. Таа ги прави сите подобри и посреќни луѓе.