Тел. : +389 70 453 573

Субверзија на бунтот (кон претставата „Каин“ на Дејан Ангелов)

Има нешто здраво во земјата македонска, поточно во Струмица, а се пројавува како бунт кој укажува на сиот гнилеж во Македонија но токму оваа побуна против ваквата состојба ја дава надежта за нејзино оздравување. Со праизведбата на „Каин“ по текстот на истоимената драма на Бајрон и делови од Загубениот рај на Милтон, универзалната потрага по разрешница за несовршената состојба на светот, дефинитивно се конкретизира во просторот на Македонија. Ако се има предвид траекторијата на претставата од идеја во библиотека во Софија, па до нејзино реализирање во продукција на „Транзен“, впечатливиот космичкиот крик на Каин кристално јасно одекна на алтернативната сцена во македонскиот контекст.

Режисерот и авторот на драматизацијата Дејан Ангелов успеал стихуваните монолози и дијалози од опширниот оригинал да ги дестилира до нивната минималистичка содржина без притоа да се изгуби од суштината. Оваа дестилација беше уште посилно доживеана од публиката преку главниот медиум, актерите. Нивните две приказни, онаа на Луцифер (Стојан Велков – Трн) и на Каин (Саше Урдовски) се вкрстија во фактот да се биде создание кое е подложно на искушение што ја отвора можноста за пад од совршеноста и трагично ја остварува. Умешно користејќи се со до детаљ креативно обмислената сценографија (Никола Пијанманов), ненаметливата, но ефективна костимогорафија (Ванчо Василев), во хармонизиран такт со музиката (Ставре Ангелаков), како и во синхронизираност со осветлувањето, замислата на режисерот Ангелов буквално оживеа пред очите на публиката. Замислата е „бунтот“ против „зададеноста“ на созданието. Архетипот на тој бунт е Луцифер додека Каин е прв од луѓето кој ќе почне да размислува за сопствената состојба, а во која се наоѓа не по своја заслуга. Неговото прашање кое го прави податен инструмент во рацете на Луцифер е „зошто смртноста да го дефинира него, а и сите негови потомци?“

Текстот на Бајрон како и неговото уметничко толкување од Ангелов е вкоренет во библиската приказна за падот на човештвото во грев, но секако ја надминува рамката во која оваа приказна е раскажана. Но режисерската замисла на Ангелов ја надминува и рамката во која Бајрон ја ставил драмата. За Бајрон, како и за романтичарските поети воопшто, херојот во приказот за падот во грев е ѓаволот. Во замислата на Ангелов Луцифер е клучна фигура, но сеедно како и во случајот со Исус, тој неволно го постигнува токму спротивното од она што се надева. Со Каин тој има за цел да го придобие на своја страна после смртта, но наместо тоа тој му отвара пат кон остварувањето на желбата заради која го прифатил бунтот на ѓаволот, а тоа е обединувањето на целото создание.

фотографија од претставата КАИН (фото Столе Ангелов)

Оваа двојна субверзија на текстовите, библискиот и на Бајрон, нѐ враќаат на почетната замисла на Создателот за човештвото и за светот. Парадоксално поентата на Ангелов со режијата на „Каин“ е суштински библиска. Читајќи ја Библијата на прв поглед може да се добие впечаток дека бунтот на ѓаволот и последователно на Каин е навистина поттикнат од легитимната желба да се противстави на една трансцендентна тиранија. Создадени сме според некоја каприциозна идеја на еден семоќен создател. Но ова е така само на прв поглед. Повнимателните приоди кон библискиот текст откриваат фин вез кој раскажува приказна која ја нема во ниедна друга митолошка космогонија. Според историчарот Том Холанд оваа карактеристика на Стариот и на Новиот завет категорички ги разликува од другите сакрални текстови. Според Холанд пантеонот на Олимп не бил воопшто лично засегнат за состојбата на луѓето. Прашањата за скрбноста на постоењето поставена од болните, од натажените, од обесправените, не им биле на крај памет да ги одговараат. Холанд коментира, „Боговите, неспознајни и каприциозни какви што биле, ретко се чувствувале повикани да се објаснуваат себеси. Тие воопшто немале намера да регулираат некаков морал. Пророчиштето од Делфи давало совет, но никогаш етичка поука.“ Ова не може да биде подалеку од Божјата само-објава во Библијата. Не само што Бог очекува морално однесување од луѓето, туку тој самиот им е врвен пример за тоа. Наспроти лаконската рамнодушност на разните пантеони на древниот свет, овој Бог кој се објавил преку сопственото име, Јахве (ЈАС СУМ ОНОЈ КОЈШТО СУМ), очекува луѓето да му се обраќаат нему, но уште поважно тој прифаќа да им се обрати ним. Веројатно најстарата библиска книга, онаа за Јов сведочи за ова од почеток до крај. Псалмите се полни со прашања, негодувања, инсистирања и очекување на одговор од Бог. Бог пак се обврзува да даде одговор и да се објасни себеси. Основата на учењето на Библијата за Бог е себе-давањето кое е пак претпоставува ризик од самиот почеток на создавањето. Бог од вечноста создава простор (ризикува) да се отвори за нешто различно од себе во себе и надвор од себе. Беспочетноста на љубовта е почетокот на љубовта во вечноста. Ова е темелот врз кој Бог прифаќа да биде испрашуван од созданието, а како конечен одговор да се даде себеси заради повторното севкупно обединување на созданието со него.

Оваа последна размисла нѐ враќа на идејата на режисерот Ангелов. Преку искушувањето на ѓаволот Каин ја преобразува состојбата на познавањето на доброто и на злото, така што преку разумот се разлачува злото на „огненото познание“ од доброто на верата. Верата која библијата ја проповеда не е слепа и не е сведена на некаков неумолив детерминизам. Таа се заснова не само врз можноста, туку многу повеќе врз Божјата промисла човештвото да го создаде за да биде во љубовно заедништво со него. Како што вели режисерот Ангелов, „Бог е во тишината – отсуството“, На темата тишина Сушако Ендо има напишано прекрасен истоимен роман. Токму таа тишина е просторот во кој прашањето, повикот, па дури и крикот „Боже мој, Боже мој, зошто си ме оставил“ е дозволено. Кога е најтивок Бог најгласно одговара. Но никогаш не се иззема себеси од испрашувањето на своето создание.

Плакат за претставата КАИН (Никола Пијанманов)

Драмата „Каин“ е уште едно такво прашање, а крвта на Абел врз рацете на Каин пред лукавиот и злорад поглед на ѓаволот најавува каков ќе биде конечниот одговор кој на човештвото повторно ќе му го врати она по што копнее, а тоа е смислата, состојбата во која сите прашања го наоѓаат својот одговор. Но дотогаш човечкиот разум, тело и срце остануваат да бидат поле на битката меѓу доброто и злото. Секој крик заради ова познание во нашата смртност нѐ приближува до учество во бесмртноста на Божјиот живот.

Здравото ткиво кое „Транзен“ го негува и со многу самопрегор отвора простор за создавање уметност ни е насушно потребно како на општество. Драмата „Каин“, остварена од еден алтернативен колектив е нужен коректив на сета застоеност на уметничкиот естаблишмент во кој опстојуваат само оние кои не го подигаат гласот во бунт против ваквиот статус кво. Да има нешто многу гнило во земјата македонска, но очигледно има и здрава критичка маса која се подига во бунт. Транзен и „Каин“ нѐ потсеќаат и нѐ охрабруваат дека нештата може да бидат и ќе бидат поинакви.

Рецензија на Коста Милков, декември 2020 год.

КАИН според текстот на Џорџ Гордон Бајрон и делови од „Загубениот рај“ на Џон Милтон

Режија и драматизација Дејан Ангелов

Актерска екипа – Саше Урдовски како Каин

Стојан Велков Трн како Луцифер.

Сценографија и плакат – Никола Пијанманов

Музика – Ставро Ангелаков

Костими – Ванчо Василев

Продукција Транзен 2020 год.