Тел. : +389 70 453 573

Објава на наградата на конкурсот – Несовршен простор

  • September 18, 2017 at 9:11 pm
  • Completed

На конкурсот за сликарство и откуп на ликовно дело кој го организира Здружението за култура Транзен, во рамките на концептот “Несовршен простор” за групна изложба на македонски современи сликари и поддршка на активни автори од Р. Македонија, првата откупна награда ја доби сликарот Александар Иванов за сликата “Извор” (70 x 50 см. комбинирана техника на хартија). 

Паричната награда изнесува 30 000 денари. Уметникот покрај паричната награда ќе добие и симболична креација Златен лист изработена од месинг , во чест на уметникот, великанот на македонското сликарство Владимир Георгиевски.

Сликата “Извор” на Александар Иванов е суптилна фигуративна претстава на ангел кој свири (гласник) која изобилува со раскошен колорит и прецизен естетски цртачки пристап. Фигурата на ангелот е насликана во еден ритам, како вибрации од звуци, а целата атмосфера во сликата е налик на небесна музика. Делото духовно комуницира со старите средновековни мајстори, кои на еден специфичен начин, со детски и чеден пристап ги живописаа боженствените претстави на небесните суштества во храмовите. Но детската наивност овде е издигната во симбол, знак, кој со еден реалистичен, високоестетски оформен ликовен јазик, аналитички ја гради архитектурата на сликата. Александар Иванов е автор кој успешно ги поврзал сакралното и земното, реалното и апстрактното во своето сликарство.

Александар Иванов е роден во Штип 1978 год. Дипломирал на Факултетот за Ликовни Уметности во Скопје во класата на Родољуб Анастасов. Живее и работи во Штип како слободен уметник, целосно посветен на сликарската уметност.

За доделувањето на наградата едногласно одлучија:
Александар Дончев – фотограф
Никола Пијанманов – ликовен уметник
Далибор Плечиќ – книжевник

Делото на Александар Иванов ќе биде дел од изложбата “Несовршен простор” на која беа селектирани деветнаесет уметници. Изложбата ќе биде отворена на 26 октомври во Галерија на Музеј Струмица.                                                                           

Проектот „Креативна Струмица“ е во рамките на Г1 програмата на општина Струмица за поддршка на граѓански организации

Share it on