Тел. : +389 70 453 573

Монодрама „Глумецот е глумец…е глумец“

Монодрама „Глумецот е глумец…е глумец“ од Зијах А. Соколовиќ
Режија и актер Коста Ангов. јуни 2022
Овој текст првпат го прочитав пред осум години и веднаш ме освои со својот лесен и едноставен јазик искористен да се искажат многу комплексни емоции, ставови, душевни состојби на едно БИТИЕ, на еден ЧОВЕК, на еден АКТЕР (или како што го преведовме за нашата претстава …на еден ГЛУМЕЦ). Уште повеќе ме импресионираше фактот што истиот е напишан од актер, кој на свој чудесен начин ги обединува сите проблеми, стравови, дилеми и трагикомични ситуации кои може да ги доживее еден човек, кој се занимава со оваа тешка и заразно-убава професија. Тоа е доајенот на босанското и југословенско кино и театар, Зијах А. Соколовиќ. Актер, кој својата претстава ја игра повеќе од 40 години и има преку 1600 изведби.
Оваа монодрама се состои, исклучиво исамо од трите суштински елементи неопходни за постоењето на еден театарски чин, а тоа се: Актер, Приказна и Гледач. Ништо повеќе. Значи, неговото Величество „Гледачот“ е многу важен учесник во креирањето на оваа претстава, и тоа на многу директен и посреден начин. Тој е активно вклучен во претставата која што е дојден да ја гледа. Тој донесува одлуки дали, што и колку ќе гледа додека трае претставата. Со гласање. Демократија на дело и во живо. Овде и сега. Театарот е жива уметност. Таква е заради присуството на актерите на сцената, но и заради присуството на гледачот во 12-от ред. Денеска театарскиот гледач е сведен на нем набљудувач, седнат во темното гледалиште, кој иако, на друг начин, преку размена на енергии комуницира со актерите на сцената, сепак, сметам дека му недостига активно и директно вклучување во претставата, активна комуникација со актерот, нешто што не може да се доживее кога се гледа филм. Во оваа претстава актерот му седнува на гледачот во скут, и како метафора, а зошто да не и буквално, и заедно двајцата учествуваат во креирањето на театарскиот чин. Целиот свет е сцена и сите ние сме (само) Aктери.

Коста Ангов