Тел. : +389 70 453 573

Мурал на уметникот Владимир Илиевски во Струмица

Ликовниот уметник Владимир Илиевски од Скопје, на фасада на зграда во Струмица го наслика муралот со наслов „Сѐ е тука“. Муралот е реализиран во рамките на институционален грант на Здружението за култура „Транзен“ преку програмата „Цивика мобилитас“, во делот на децентрализација на културата и уметноста во југоисточниот дел на Македонија.

Како објаснување на креативниот процес при создавањето на муралот, кој е со димензии 650х530 см, Илиевски потенцира дека колку е делото наменето за побројна публика, толку и одговорноста на авторот е поголема. Муралот има своја симболика, а ликовните елементи и значењето на содржината се преплетуваат и се поддржуваат едни со други.

– Првичната иницијација беше зборот „повреден“. Темата е прилично позната. Фигура на човек кој седи на земја, со главата наслонета на своите колена, асоцијација на било каква повреда што сите некогаш ја осетиле, физичка, емотивна, душевна. А крилјата, симбол на сето она што не можеме да го дефинираме, на убавото, на слободата. А едното паднато, но тука веќе идејата се преформулира. Не е паднато од повредувањето, туку паднато е како баланс, за да олесни. Паднатотo крило е темно, тешко, на земја. Околу темното е светло. А она крило на грб е светло. Сѐ околу него е темно. Тоа беше првичната скица додека траеше борбата помеѓу светлото и темното, белото и црното. Но потоа, кога настапи бојата, се јави потребата да се збогати со додатен извор на светлост. Цветот кој свети, како симбол на надеж, симбол на сѐ она што може да нѐ разведри, сѐ од природата, сѐ од секоја форма на постоење. Затоа сѐ е тука. Сѐ е секогаш тука. Не сѐ што ние мислиме дека сакаме. Туку сѐ што ни треба. Се надевам сликава ќе нѐ потсети – во детали го разјасни Владимир Илиевски своето дело.