Тел. : +389 70 453 573

Несовршен простор 5 „Траги во просторот“

НЕСОВРШЕН ПРОСТОР 5
Траги во просторот

Несовршен простор е петта по ред изложба во организација на Здружението за култура Транзен од Струмица, оваа година во соработка со Друштвото на ликовни уметници Битола.
Проектот ги истражува можните простори за изложување на ликовните дела. Секоја година просторот на изложбата е различен, во потрага по совршениот простор. „Несовршениот простор” е вечната болка на уметникот, на уметничкото дело.
Сликите, цртежите, графиките, колажите, скулптурите, одделени од ателјето, тие лутаат низ апсурдниот свет на чудата. Бездомни дела кои заглавиле низ лавиринтите на ентериерите. Чудниот спој на несинхронизирани простори, вештачки светла и самотија, молк околу сликите и скулптурите, рамнодушност пред творечката креација, тоа се фантасмагоричните феномени на нашето време. На оваа изложба, пак ќе се потсетиме:
– Зошто уште постои уметноста?!
Затоа што постојат уметниците!
Постои ли совршен простор за уметничкото дело?
Петтата изложба на „Несовршен простор“ е во потрага по нови места за изложување. Oваа година, просторот е галеријата на КЦ Магаза, Битола.
Темата на изложбата е „Траги во просторот“. Да оствариме контакт со празниот простор, да го исполниме со присуство, или да ја пронајдеме празнината на пределот кој се шири во перспективата пред нас.
Нешто поминало низ пределот, оставило трага. Или не? Каде се границите на просторот? Ги знаеме ли нашите патеки? Кои се трагите по кои се движиме? Кои сме и зошто трагаме низ просторот? Она кое го оставаме како знак, ќе истрае ли? Или сé ќе биде како пепел расеано низ времето. Секоја потрага остава и трага.
Го откриваме знакот во пејзажот. Нешто што ни оставило силен впечаток, нешто кое не можеме да го заборавиме и постојано се враќа, како во сон. Нешто што сраснало со просторот. Сеќавање на нашето или туѓото присуство во празниот простор. Некој оставил трага, некој не успеал да ја открие, но некој ја маркирал засекогаш.

На оваа изложба, уметникот треба да го пронајде својот внатрешен пејзаж. Со повторно разоткривање на смислата на нашето присуство во празниот простор.

На изложбата Несовршен простор, секоја година Здружението Транзен ја доделува откупната награда за ликовно дело „Златен лист – Владимир Георгиевски“, во чест на великанот на македонската ликовна уметност Владимир Георгиевски.
Добитник на наградата „Златен лист“ годинава е ликовниот уметник Димитар Солаковски од Битола. Жирито на овогодинешната награда, сликарот Владимир Илиевски ќе каже за делото на Димитар Солаковски:
-Делото на Димитар Солаковски, „Детето на Белото море“ е една прилично смела, директна и специфичнo решена композиција, која истовремено носи тивка суптилна поетска приказна. Толку интимно, а сепак универзално, затоа што колку подлабоко патуваме низ привидните суштини на поединечните форми, гледаме дека на крај сите завршуваат во една суштина. Тука е прикажан моментот на вечноста. Запомнетото што избледува, а не се заборава.
На изложбата учествуваат петнаесет уметници:
Димитар Солаковски, Илија Маџаров, Тони Попов, Александра Петрушевска Ристовска, Марија Трајаноска, Никола Пијанманов, Ване Костуранов, Љупка Галазка Василев, Славица Милева, Дејан Иванов Маргуш, Орце Нинески, Љубица Мешкова Солак, Ѓорги Динев, Горан Јованов и Верица Арапова.