Тел. : +389 70 453 573

Премиера на филмот ТРН на 17 издание на АстерФест

На 17 издание на Меѓународниот филмски фестивал Астерфест, на 9 август 2022 година во амфитеатарот во Градскиот парк во Струмица, премиерно беше прикажан документарниот филм ТРН во продукција на Здружението за култура Транзен.
Документарниот филм „Трн“ е посветен на актерот и граѓански борец и активист Стојан Велков Трн. Во филмот се опфатени повеќе фази од неговиот живот, но најбитен е психолошкиот пресек на неговиот внатрешен свет, духовна борба која во еден дел ќе премине во немилосрдна борба со општото зло. Филмот е поделен на пет дела: Земја, Молк, Театар, Бунт и Дом.
Трн е човек чии живот и уметност се преклопуваат во идеална синтеза. Нема ништо противречно во неговата дива и незауздана природа да го спаси светот од еколошката и морална катастрофа. Тој тоа го прави преку уметноста и животот. Тој е човек кој секогаш ја кажува вистината, но и актер кој ја преиспитува таа вистина и можностите на човековата слобода да го избере доброто или злото. Во делот „Театар“, Трн се подготвува за својата најголема улога, улогата на Луцифер во драмата „Каин“ на Џорџ Гордон Бајрон. Тука е тој олицитворение на пра злото кое ги истражува можностите на своите дејствија врз човекот. На сцената Трн ги поставува најважните прашања – Дали постои Бог и зошто човекот е оставен сам да се справува со мачнотиите на постоењето? Зошто Каин го уби брата си во изгрејсонцето на човештвото? Дали може некогаш ѓаволот да се покае и врати во доброто? Може ли на крајот да победи вистината?
Театарот е поле во кое се судираат вистината и лагата, доброто и злото, ѓаволот и Бог. Во делот „Молк“ тој стои сам меѓу незаинтересираната толпа на градскиот плоштад и со запечатена уста и молчење протестира против суровиот капитализам кој сака во најплодната почва (каде самиот живее), да отвори смртоносен рудник. Трн е столб на движењето кое се бори со заканите на смртоносната инвестиција во струмичката котлина.
Во делот „Бунт“ Трн е исправен како водич на слободоумни луѓе кои протестираат против подмолната партизација и корупција во културата. „Департизација на културата“ е мотото кое го води во бескомпромисна борба со системот и нефункционалното Министерство за култура. Во деловите „Земја“ и „Дом“ тој е целиот внесен во коренот на својата природа и живот. Човек од природата кој сака да ги разбере и пренесе законитостите на природата и чистотата на земјата врз своите деца и фамилија. Борец кој со свои раце ја прави обновата за која се залага во платформите на еколошката револуција. Тој е самиот пример за идејата! Неговиот дом е оазата, простор на смирението, оган и најмногу светлина која му дава смисла за секојдневната борба која ја води со светот што личи на една голема театарска сцена.
Самиот ќе каже во еден монолог -Не влегувај во борба ако не се спремен да загубиш сé!
Филмот „Трн“ е документ за еден човек кој не се предава, човек кој од својот живот прави уметност, а од уметноста нов живот.

Режисери на филмот се Столе Ангелов и Никола Пијанманов, кинематограф и монтажа е Столе Ангелов, а сценариото е на Никола Пијанманов. Музиката е на Ставро Ангелаков. Во филмот учествуваат Стојан Велков Трн, Дејан Ангелов, Саше Урдовски, Васе Велков, Исидора Велкова.