Тел. : +389 70 453 573

Самостојна изложба на Ѓорги Динев (Црно небо)

Самостојната изложба на Ѓорги Динев насловена „Црно небо“ е втора по ред на младиот уметник, после онаа од минатата година, реализирана во МКЦ Скопје. Оваа ликовна изложба пак, е веќе дваесетта по ред во организација на Здружението за култура Транзен. Изложбата се подготвува речиси цела година и конечно ќе биде реализирана во галерискиот простор на Музеј Струмица.

Биографија на авторот
Ѓорѓи Динев е роден на 27.02.1994 во Струмица. Завршил средно уметничко училиште во Скопје во ДСУЛУД Лазар Личеноски, на отсек графика. Дипломирал на факултетот за ликовни уметности во Скопје во 2019година на отсекот графика, под менторство на проф. м-р Мирко Вујисиќ. Учесник е на повеќе групни изложби, а во 2019г. ја прави првата самостојна изложба во Скопје во Младински културен центар. Член е на ДЛУМ.

Од рецензијата во каталогот која ја напиша Никола Пијанманов

Во сликарството на Ѓорги Динев нема копии на стварноста, туку само нејасни визии за бескрајот. Апстрактно кое пронижува… Но дали се тоа само слики? Што е сликарско во овие графики и сурови цртачки експерименти, или пак што е графичко во овие слики со жесток монохромен израз!? Двете прашања водат кон нерешлива формула создадена во услови и начин за кои само авторот е свесен. Овие дела се пред се, автобиографски записи, ракописи, писма напишани, никогаш да не бидат испратени. Letters I’ve written, never meaning to send.
Но, писмата кои се неиспратени, или спалени, или скриени во некоја кутија, се наменети за некој. Кој е тоа? Што е тоа? Ќе ги прочита ли некогаш? Во овие дела нема да го најдете одговорот на веќе подготвената претстава за уметноста, на клишеата и стереотипите за нејзината функција, или она кое го барате како решение за вашите естетски шпекулации. Нема украси за вашите ѕидови, за вашите домови ентериерно подготвени со празни места во кои само понекогаш архитектот за внатрешно уредување, предвидел и простор за рамка во која можеби ќе биде сместена некоја „уметничка“ слика. Нема разубавување на светот, затоа што тие самите не се од овој свет. Овој ракопис е исечок од некој непознат и далечен универзум, во кој формата не постои во контекст на нашето поимање за појавното.

Делата на Ѓорги Динев се структурални, навидум хаотични, но во нивната структура владее совршен распоред. Беспрекорна е ликовноста во композицијата. Ликовните закони не секогаш се во хармонија со визуелните закони на природата. Ликовниот свет е автономен, независен и како таков тој содржи во себе посебни кодови на идентификација. Идентитетот на едно ликовно дело е озаконет преку отисоците и трагите од плотта и крвта на самиот автор, креаторот. Тие отисоци се видливи во овие дела. Самата техника е трансцедентна, некласична. Цртежот како да е изгребан во ѕид. А порите наполнети со таинствена течност. Мувлата на ѕидот има своја функција во светот на визуелното. Пајажината во аглите на собата, темната мрснотија во фугите на тулите. Тука се судрени графичарот и сликарот со своите концепти и од овие дела ние сеуште не можеме да видиме кој концепт ќе победи. Тој судир е жесток, на места со искрење и неподнослива (не)склопливост. Но делата функционираат како такви.

Околу главниот судир секогаш има тишина, празнина, осаменост. Некои од делата се како пред експлозија, но таа е внатрешна експлозија, тивка и нечујна за светот. Мислам дека овие дела ќе имплодираат во нов циклус, нова преобразба. Но тоа сега и не е толку важно. Уметноста фиксирана за материја, во еден миг, станува вечна.
„Во секој миг, во секое битие, Вечноста е присутна“.