Тел. : +389 70 453 573

Проект Креативна Струмица

  • April 28, 2017 at 10:44 am
  • Completed

Во петок 5ти Мај со почеток во 19 часот во малата сала на Домот на Арм во Струмица се одржа средба со писателот Владимир Јанковски од Скопје. Средбата и разговорите со Јанковски беа поделени во два дела: во првиот авторот го претстави својот последен роман Невидливи љубови и беше достапен за прашања и одговори по однос на него; во вториот дел се дискутираше за состојбите во современата македонска проза, приликите и неприликите во кои таа егзистира, проблемите со кои се соочува македонското издаваштво како и творците во современите констелации, како и што всушност подразбира да се твори на јазик со условно речено мал вернакуларски дијапазон, каквa е позицијата на македонскиот јазик во глобалните прилики, и на многу други прашања и теми значајни за творештвото во Македонија. 

Модератор на разговорот беше Далибор Плечиќ, писател и книжевен критичар.

На 11 Септември во просториите на „Студио 38“ на улица Пере Тошев бр.2 со почеток во 20.30 ч  се одржа изложбата на Столе Ангелов еден од урбаните фотографи во градот Струмица.  Столе Ангелов е роден и живее во Струмица. Сопруг на Билјана и татко на Давид. Фотографијата го фасцинира од најраните детски денови, а првата посериозна дружба со фотоапаратот ја започнува за време на студентските денови во прекрасниот Охрид. Оттогаш фотографијата е нераскинлив дел од неговиот живот. Има учествувано на повеќе групни и една самостојна изложба. Денес професионално се занимава со фотографија и е ко-основач на „Студио 38“. Целта на оваа активност е да се мапираат и промовираат нови урбани и алтернативни културни точки во градот Струмица.

На 26 Октомври во просториите на Галерија Завод и Музеј Струмица се отвори изложбата „Несовршен простор“ од наградниот конкурсот за современи македонски сликари, на која се додели наградата за најдоброто дело на уметникот Александар Иванов од Штип – Златен лист и парична награда во висина од 30.000 денари. На изложбата беа застапени и делата на сликарите кои пристигнаа на објавениот награден конкурс – Анета Ивановска Симјановска, Мирјана Крстева Масети, Ване Костуранов, Вангел Срнаков, Викторија Попоска, Владимир Илиевски, Валентина Илијевска, Верица Арапова, Гоце Илиевски, Тони Попов, Панче Ѓоргиев, Љупка Василева, Татјана Медарова, Марјан Ѕингаров, Кристина Зимбакова, Марија Трпеска, Томе Манески, Соња Настовска Мицева.

Проектот е финансиски поддржан од Програмата Г1 на Одделението Лер – Трансфер до невладини организации при општина Струмица и дел од Нeделата на граѓански организации поддржана од Проектот за граѓанско учество (ПГУ) на УСАИД – серија од настани кои ја промовираат работата на граѓанските организации пред пошироката јавност, организирани во периодот од 11-17 септември 2017 низ Република Македонија. 

Share it on