Тел. : +389 70 453 573

Развивање и ревитализација на руралните заедници преку уметност и култура

  • September 12, 2015 at 1:08 am
  • Completed

Проектот „Развивање и ревитализација на руралните заедници преку уметност и култура“ – проектот е финансиран преку акцискиот грант на програмата Цивика Мобилитас – проект на Швајцарската агенција за соработка и развој (СДЦ), претставен од Швајцарската амбасада во Р.Македонија, спроведуван од НИРАС од Данска, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и шветскиот институт за јавна администрација (СИПУ).

Проектот ќе се спроведува во наредните 15 месеци и има за цел да даде активен придонес во социо-економскиот развој на руралните општини Василево, Босилово и Ново Село преку развивање на културата и уметноста преку активно вклучување на граѓаните и сите релеватни чинители и носители на одлуки во креирањето на стратешките документи за развој на културата и културни програми и спроведување на културни активности.   

На 22.10.2015 година беше свечено доделен акцискиот грант за проектот „Ревитализација на руралните средини преку уметност и култура“ финансиски поддржан од програмата Цивика Мобилитас на „Швајцарската Агенција за развој и соработка“ од страна на швајцарскиот амбасадор Стефано Лазарото.

На ден 02.11.2015 година се реализираше првата работилница за креирање на стратешки развоен документ во областа на културата во општина Василево – „Вовед и анализи на сегашната состојба на општина Василево во секторот култура“ од проектот „Ревитализација на руралните средини преку уметност и култура“ финансиски поддржан преку програмата Цивика мобилитас на „Швајцарската Агенција за развој и соработка“

На ден 12.11.2015 година се реализираше првата работилница за креирање на стратешки развоен документ во областа на културата во општина Ново Село – „Вовед и анализи на сегашната состојба на општина Ново Село во секторот култура“ од проектот „Ревитализација на руралните средини преку уметност и култура“ финансиски поддржан преку програмата Цивика мобилитас на „Швајцарската Агенција за развој и соработка.“ 

Дел од сцените и атмосферата од прикажувањето на краткометражниот филм „Рецепт“ во режија на Даниел Трајков.     

На ден 19.11.2015 година се реализираше првата работилница за креирање на стратешки развоен документ во областа на културата во општина Босилово – „Вовед и анализи на сегашната состојба на општина Босилово во секторот култура“ од проектот „Ревитализација на руралните средини преку уметност и култура“ финансиски поддржан преку програмата Цивика мобилитас на „Швајцарската Агенција за развој и соработка.“ 

Дел од подготовките за претставата „Арлекин слуга на двајца господари“ во реализација на режисерот Стојан Трн Велков која се спрема во Младинскиот Културен Центар во Општина Босилово. Во подготовката на претставата учествуваат актери аматери кои се љубители на театарската уметност од Општина Босилово и Општина Струмица. 

На 20 март (недела) во 20.00 ч во Културниот дом на општина Босилово се изведе театарската претстава „Арлекин, слуга на двајца господари“ од Карло Голдони, во режија на Стојан Велков Трн. Публиката во преполната сала излезе со насмевка и со надеж за повеќе репризи. Режисерот Стојан Велков Трн заврши одлична работа вклопувајќи го секој детал на вистинското место и извлекувајќи го најдоброто од секој актер вклучен во претставата. А меѓу актерите блеснаа млади надежи, како и искусни, возрасни луѓе кои ја чекале својата шанса да го покажат талентот во јавност. 

Втора работилница за изготвување на Стратешкиот развоен документ во областа на културата и уметноста „Креирање на визија и дефинирање на приоритетни области“ во општините Ново Село, Босилово и Василево. Учесниците на работилницата работеа на дефинирање на приоритетните области и креирање на визијата во секторот култура, како неопходни чекори за да се дојде до подобар развој во културата и уметноста во овие две општини. 

Трета работилница за изготвување на Стратешкиот развоен документ во областа на културата и уметноста „Креирање цели, активности и акциски план за развој во секторот култура и уметност“ во општините Ново Село, Босилово и Василево. Учесниците на работилницата работеа на дефинирање на целите и активности по веќе утврдените приоритетни области и на дефинирање на акциски план со што со оваа трета работилница се заокружи стратешкото планирање за развој на секторот култура и уметност во овие три општини и се зајакнаа капацитетите на релеватните чинители кои земаа активно учество во подготовката на овие документи. 

На 14 април (четврток) со почеток од 18:00 часот во Sub Club-Струмица се одржa промоција на драмата „Злосторство и вазна“ од Ѓургица Костадиновска. Оваа драма се занимава со случајното злосторство во едно навидум среќно, а длабоко во својата суштина дисфункционално семејство. Со сите современи прашања и дилеми кои го мачат современиот човек. Промотори на книгата беа универзитетските професори од катедрата за македонски јазик проф.д-р Весна Мојсова Чепишевска и проф.д-р Трајче Стамески.

На 17 Април (недела) со почеток во 20:00 часот во Дом на културата во општина Босилово беше отворена првата самостојна изложба на Даниела Стоилкова од с.Моноспитово – млада графичарка дипломирана на Ликовната академија во Скопје – отсек графика. Изложбата пробуди голем интерес во јавноста и имаше голема посетеност. Во прилог следува дел од атмосферата на отварањето на изложбата во неколку фотографии.

На 19 Мај Советот на општина Василево ја усвои Стратегијата за развој на културата и уметноста за период 2016-2020 и со тоа општината официјално може да отпочне со исполнување на стратешките цели преку спроведувањето на предвидените програми од акцискиот план во истиот документ. Резултатите од неколкумесечната работа на тимот вклучен во изготвувањето на овој стратешки документ на површина исфрлија три приоритетни области на дејствување, кои ќе придонесат за подобрување на културните политики: подобрување на постоечките и градење на нови инфраструктурни објеки и нивно ставање во функција на развој на културниот и руралниот туризам; развој на рурален туризам преку градење на сместувачки капацитети, градење и подобрување на патната мрежа, градење на единствена туристичка понуда, јакнење на капацитетите на локалното население за значењето на културниот и руралниот туризам како и креирање на бренд идентитет на општината со цел да се подобри видливоста на општината на локално, регионално и меѓународно ниво. Третата област е наоѓањето финансиски средства за реализација на активности и проекти од областа на културата и уметноста. Стратегијата пред Советот на Општина Василево ја бранеше Јасмина Мазгалиева – експерт по културни политики и културен менаџмент.

На 5 Јуни (недела) со почеток во 20:00 часот во Дом на културата во општина Босилово беше отворена првата самостојна изложба на Тимчо Гаврилов од с.Муртино – дипломиран вајар на Ликовната академија во Скопје. Изложбата пробуди голем интерес кај публиката бидејќи Тимчо Гаврилов е единствениот дипломиран вајар кој работи и твори на овие простори и големата посетеност му даде уште поголем поттик да не застане овде туку да продолжи со оваа ликовна дисциплина. Во прилог следува дел од атмосферата на отварањето на изложбата во неколку фотографии.

На сцената во Домот на културата во општина Ново Село, на 12 Јуни ( недела ) премиерно беше изведена претставата „Лекција“ од Ежен Јонеско, во режија на Коста Ангов. Станува збор за динамична и слоевита пиеса, која иако вклучува мал број ликови, создава атмосфера на трагикомичност, а истовремено и сурова реалност. Од критика на образовниот систем, до отуѓеноста на човекот и осаменоста на душите кои наизглед имаат беспрекорен концепт на живеење, несвесни за своите за своите длабински пориви и пороци. Текстот на Јонеско е „плоден“ за анализа, но уште посилна беше симболиката на сцена која беспрекорно ја изведоа младите актери – амaтери Јовче Пандев, Теодора Терзијанова и Даниела Стоилкова. Видлив беше повеќемесечниот труд на овие млади луѓе кои безрезервно и се „предадоа“ на сцената, а публиката го почувствува тоа и ги награди со бурен аплауз.

На 18 Јуни (сабота) во Домот на култура во општина Ново Село свое претставување пред локалната публика со графики имаше младата графичарка Ивана Горичова од с.Моноспитово. Ивана Горичова има дипломирано на факултетот за ликовни уметности во Скопје – отсек графика и ова и е втора самостојна изложба. Во истиот ден на малата сцена во Домот на културата се одржа и концерт на млади таленти (соло пеење, виолина, армоника и бандерола) под раководство на Тони Пецанов – единствен во Македонија кој свири на инструментот бандерола – аргентинска хармоника.

На 31 Мај и 30 Јуни во просториите на Младинскиот едукативен центар во општина Босилово се реализираа обуките по проектен менаџмент и тоа: Управување со проектен циклус и Модели на проекти во културата. На обуките присуствуваа културни работници и административни работници од општина Босилово и Ново Село. Тие беа запознаени со основните модели на проекти во културата, како може да придонесат во социо-економскиот развој на заедницата и со основните фази на осмислување на проектот па се до негова реализација. На обуките на учесниците и беше дадена можност да направат концепт идеја за развој на проект од областа на културата. Во месеците јули, август ќе работат на нивно целосно оформување под менторство на Јасмина Мазгалиева – културен менаџер и во месец септември ќе следуваат предавања за маркетинг во културата и изнаоѓање на средства за финансирање на проекти од културата.

На 20 Јули Советот на општина Босилово ја усвои Стратегијата за развој на културата и уметноста за период 2016-2020 и со тоа општината официјално може да отпочне со исполнување на стратешките цели преку спроведувањето на предвидените програми од акцискиот план во истиот документ. Резултатите од неколкумесечната работа на тимот вклучен во изготвувањето на овој стратешки документ на површина исфрлија три приоритетни области на дејствување, кои ќе придонесат за подобрување на културните политики: збогатување на културната програма по населените места и активно функционирање на културните домови; јакнење на капацитетите на локалното население за значењето на културниот и руралниот туризам како и креирање на бренд идентитет на општината со цел да се подобри видливоста на општината на локално, регионално и меѓународно ниво; зголемена промоција на општината во однос на промоција на културните вредности со кои располага. Стратегијата пред Советот на oпштина Босилово ја бранеше Јасмина Мазгалиева – експерт по културни политики и културен менаџмент.

На сцената во Домот на културата во општина Босилово, на 23 Јули ( сабота ) премиерно беше изведена претставата „Запросување“ од Антон Павлович Чехов, во режија на Јасмина Вучкова. Станува збор за фарсична пиеса со прикажување на човечкиот бит со сите негови скандални случки, ова фарсичност младите талентирани актери успејаа да и ја доловат на публиката. Во актерската игра учествуваа млади актери – аматери Гонце Мирчовска, Саше Урдовски, Фросина Андеева и Јордан Иванов кои успејаа со беспрекорна игра да ја насмеат публиката.

Фотографијата ЗАМИНУВАЊЕ на фотографот Столе Ангелов е првонаградената фотографија на конкурсот со тема “Тагата на провинцијата и неподносливата мачнотија на метрополата”, објавен на 13.09.2016 година.

Во фотографијата на Столе Ангелов на еден суптилен ликовен јазик, естетски е доловена сликовната материјализација на зададената философска теза на конкурсот. Авторот во легендата на фотографијата ќе наведе: -Фотографијата е направена во еден доцен зимски ден од колата на еден драг пријател кој неодамна не напушти нас и овој свет.Погледот низ мокрото стакло на вратата е краткотрајно-блиц сеќавање на тажните детства во провинциите кога на задното седиште на автомобилите ги чекаме возрасните и мечтаејќи по нешто нејасно, зјапаме низ замаглениот прозорец.
Селектори на конкурсот беа:
Александар Дончев -фотограф
Ице Виранов-филмски режисер
Никола Пијанманов-ликовен уметник.

Наградена фотографија на конкурсот

Во прилог фотографии од конкурсот:

Изложба „Пресек“ одржана на 16 декември 2016 во просториите на Завод и Музеј Струмица на четири млади ликовни уметници од Струмица Љупка Галазка-Василев, Никола Пијанманов, Ване Костуранов и Маријан Ѕин

Share it on