Монографијата „Сто години струмичка ликовна уметност“ е истражувачки проект на Здружението за култура Транзен. Главната идеја околу која се оформи оваа книга како сведоштво и документ за едновековното ликовно творештво во градот Струмица, беше пронаоѓање и архивирање на дела од струмичките уметници кои се наоѓаат по приватните збирки и за кои никогаш не постоело начин да бидат претставени пред јавноста. Се работи за стотина слики, цртежи и скици создавани во периодот од почетокот на дваесетиот век до денес. Ќе беше вистинска штета ако сите тие дела не се фотографираат, документираат и испечатат во едно издание кое е впрочем прво од таков тип во Струмица.
Се работи за истражување кое опфаќа период од 1921 до 2021 година, време во кое се одвива континуиран ликовен живот во Струмица и Струмичко. Во книгата се застапени 150 репродукции во боја, текстови од историчари на уметноста, рецензии од каталози, сведоштва од архивите на уметниците и автобиографски записи. Кога видов со каков материјал располагаме и какви автори твореле и живееле тука (повеќето со речиси никаква афирмација во државата), си го поставив прашањето:
Дали во еден град, едно место, простор ограничен, може во континуитет да функционира ликовната уметност без прекини и отсечки: зошто се твори, зошто се прават слики, скулптури, цртежи, графики, се реализираат изложби и се посветува голем дел од животот во ателјето, во галериите, бдеејќи пред секоја црта, линија, дамка од боја, како дежурни чувари на естетскиот живот во едно место, а притоа добар дел од тие творци се заборавени, скриени, поттурнати на маргините од светот, неконсултирани за ниедна одлука, чин, дејствие, културно одлучување- Вреди ли да се посвети целиот живот на уметноста, ако со неа не можеме да го промениме светот? Не само светот, не можеме да го промениме и најмалото место и опкружување во кое сме родени и во кое постоиме. Луѓето околу нас. Не вреди! Но, вреди нешто друго, поголемо и позначајно од сè. Нешто пред кое сите можат само да замолчат. Самите уметници се промениле себеси додека ги твореле своите дела и додека бдееле во ателјеата, самите уметници станале големи луѓе, длабоки, суштински, карпа луѓе, темели на кои ќе се изгради невидливата зграда на цивилизацијата! А постои ли нешто позначајно од тој факт?!
Архивата започнува со црковното сликарство во касниот 19 век и најголемиот претставник на зографите од тој период, струмичкиот живописец Григориј Пецанов. Историчарот на уметноста Марјан Минов кој го напиша хронолошко – критичкиот осврт во книгата, забележа: „ Струмичката современа ликовна уметност, несомнено, има долга традиција која со извесни прекини трае едно столетие, а која несомнено е поставена врз темелите на византиското и средновековното сликарство во овој регион, а пред сѐ на делата од роднокрајните струмички зографи: Ѓорѓи Велјанов, Васил Ѓорѓиев и Григориј Пецанов, од кои најистакнато место зазема зографот Григориј Пецанов. Нивната ликовна активност и појава е поврзана со македонското преродбенско движење во 19 век – тежок и мачен период исполнет со бројни војни и крвопролевања. Овие зографи не само што ги живописуваат црквите и сликале икони, туку истовремено помагаат во формирањето на македонската нација.“ Пробивот во современата го прави сликарот Атанас Мучев кој се школувал во Белград. Од таму ги носи влијанијата на париската сликарска школа, како што своевремено тоа го сторија Личеноски и Мартиновски. Тој со својата богата творечка активност ја покрива првата половина на 20 век. Тука е и сликарката Василка Христова која завршува уметничка ликовна школа во Белград 1938 година. Како најзначајни автори на кои се потпира струмичката ликовна сцена низ втората половина на 20 век се Стојан Пачоов, Георги Божинов- Фаника, Ниче Василев, Киро Урдин, Марјан Пецев – Захов, Момчило Петровски- Момо, Глигор Беќаров, Бранко Кончалиев, Стојче Гоцков…Сликари кои целиот живот го посветија на ликовното творештво градејќи специфични естетски стилови. Голем осврт во книгата е даден и на активностите на Друштвото на ликовните уметници Струмица, нивните изложби и дружби, колонии и мултимедијални проекти. Друштвото ДЛУС за жал не постои веќе две децении, оставајќи голема празнина во ликовниот живот на градот.
Во мисијата на Здружението за култура Транзен и тимот кој работи со здружението, стои зацртано откривањето и афирмацијата на локалните ликовни творци, нивно претставување пред јавноста, преку публикации, каталози, есеи и изложби. Но, оваа монографија е синтеза на досегашниот петгодишен труд, еден вид круна на истражувањето. Барајќи низ ателјеата и приватните домови, како и низ некои институции, се соочивме со вечната дилема: Како е возможно толку големи автори да останат анонимни во текот на своите животи, но и после нивната смрт. Случаи кои не се ретки во ликовната историја. Многу од делата беа и во лоша технолошка состојба, но за тоа во некој иден проект.