Наеднаш пред мене се појави сиво-зелен коњ. Коњаникот што јаваше на сиво-зелениот коњ се викаше „Смрт“, а во неговата придружба беше Адот. Ним им беше дадена власт над една четвртина од Земјата, за да убиваат со меч, со глас преку болести и со диви ѕверови.“ Книга Откровение. Јас погледнав, а пред моите нозе имаше коски и коњски глави, а Луцифер седеше во зелена светлина и од ноздрите чиниш му излегуваше пареа. Можеби овие две слики се појавија случајно, режисерот Ангелов не мислел на библиските стихови кога е осмислувана драмата Каин, или едноставно, таков бил денот во струмичката кланица, но коњските глави беа стркалани на сцената и го повикуваа Каин на уште едно искушение, да ја донесе на владение смртта и злото.
Спружен на одар, чиниш мртов, а не е, тој само чека Луцифер да го скорне од бунилото во кое западнал, вешто да го вовлече во својата мрежа и потоа да го влече како со невидливи конци. Каин е инструмент на злото, негово алиби, зашто злото само по себе нема сила. Потребен му е објект врз кој ќе дејствува и преку него да ги исполнува своите недела. А има ли полесен плен од плодот на првиот човек, збунет, испечен од сонцето со црвени кругови околу очите, гол, желен за ново спознание. Земјоделец што е проколнат да се бори со земјата од која е создаден. Уште тогаш земјата не била на цена, тоа го знаат сите Каинови потомци на ова поднебје, подготвени да продадат сѐ за да заминат од неа. Дури и сопствениот код. Денешните Каиновци не се братоубијци тие се сотрувачи на својот корен, играат врз черепите на своите предци и додека тоа го чинат духовите се пренесуваат на невидливи атови и патуваат од еден до друг свет – не знаат каде да слетаат.Со коњската глава над својата глава, две големи шуплини од кои тече неизвесност како песок. Времето истекува од очите на Каин. Како кукла на конци, Луцифер манипулира со Каин го искушува да падне, зашто само така тој ќе почувствува дека има моќ. И уште еден измамен поданик. Кога човекот е паднат духовно, тој е најлесна жртва, а Луцифер од него ја црпи својата сила и подивува, го турка во невидливиот понор, го лаже дека полошо од оваа безнадежност нема, дека сѐ е околу него труло, сѐ е глина и песок, а тој нуди многу повеќе – бесмртност, речиси божество.
Можеме само да претпоставуваме, што видел Каин на работ од човечноста, што гледаше младиот Урдовски додека речиси лебдеше над бездната на бескрајното грешно поле додека зад него Луцифер злокобно го надвиснуваше и држеше, како кукла на конци. Така збор по збор му ги всадуваше своите идеи во главата пред да се фрли. Присуството на Луцифер е сугестивно, Стојан морничаво потсетуваше на некој првид, зелено суштество од нашите најтемни кошмари, ѐе потсетуваше на она што не би сакале да бидеме, а секој ден барем по еднаш сме – сурово несреќни, вистински подложни на пакост, и злоба. Никој не може да биде постојано среќен, а кога не може некој да биде ни малку среќен, тогаш што му останува освен такви да ги направи сите, или барем оние што може. Само така ќе си потврди дека не е сам во несреќата, дека и други се подложни на ваква празнотија. Каин требаше да принесе жртва од плодови, но наместо да се врати во нивата, да копа за она по што прво посегна мајка му, малку овошје првиот грев, тој ја пушти раката по уште црвенило, но овојпат ги брцна рацете во сопствената крв, носејќи го братоубиството во човештвото. Саше Урдовски, млад актер кој го направи првиот скок и во актерството, по своето дипломирање, нее повеќе невин. Со голи стапала газеше по театарската пустина и таа полека станува негова судбина. Еден од најимпресивните сценски ефекти сепак, беа и на почетокот спомнатите, коњски глави. Во некои култури се смета дека коњскиот череп има моќ да открива зли духови, а коњот има голема симболика и во целата скандинавска митологија. Ако оваа премиера беше поместена две недели понапред, ќе се совпаднеше со 18 декември, времето кога старите Римјани и Келти го славеле фестивалот на Епона, божицата на коњите. Жртвувањето сега се случи порано и метафорично, на некој начин со умисла. Коњот што ја навестуваше смртта во Новиот Завет овојпат дојде како совршен сценски реквизит, да ја навести смртта на братот, падот на човечката невиност.
Рецензија на Сузана Мицева за претставата КАИН – ноември 2020 год.
55Ми се допаѓаКоментирајСподели