Проектот „Со уметност против ракот“ – кампања за борба против ракот е финансиски поддржан од Програмата Г1 – поддршка на ЛЕР од Буџетот на Општина Струмица за поддршка на проекти од граѓански организации.
Проектот „Со уметност против ракот“ има за цел да ја подигне свеста кај населението кое живее на територијата на Општина Струмица и на еден симболичен начин преку изработка на уметничко дело да даде поддршка и да укаже на потребата од поголема превенција, здраствена заштита на лицата кои се борат со оваa болест.
Уметноста е универзална, таа соединува, спојува, не поттикнува на размислување, затоа преку уметничкото дело (монументална слика) кое ќе биде создадено сакаме да допреме до сите оние институции кои се релеватни да создадат подобри услови за пациентите кои се борат со ова болест, но и да укажеме на сите тие кои ја загубиле битката со ракот дека сите ние (институции,невладини организации) сме овде за во нивно име да создаваме услови за подобар третман и лекување на овие лица и да дадеме поддршка на сите оние кои во моментот се борат со оваa болест.
Проектот „Со уметност против ракот“ ќе го реализираме заедно со Организација на жени од Струмица која долги години веќе работи во полето на превенција, едукација и психосоцијална поддршка на лицата кои ја победиле ова болест, но и како искусна невладина која работи во полето на подобрување на здраствените услуги за овие пациенти на локално ниво.
Организацијата на жени која е наш рамноправен партнер во проектот ќе биде одговорна токму во делот на превенцијата и во изготвувањето на едукативни материјали кои ќе бидат направени во рамките на проектот.

Сликата „Бршлен“ која беше изработена во рамките на проектот е симболичка претстава и метафора на карциномот како болест и неговите метастази во здравото ткивото на човечкиот живот. Претставено е дрвото на животот кое во страшен грч и сувотија го насетува присуството на туѓото растение низ своето тело. Тоа е феномен на шумите. Ползавецот, бршлен неосетно, тивко и нежно напредува низ стеблото сакајќи целосно да го замени како двојник и сенка, впивајќи ја во себе неговата форма и суштина. Тој ползавец живее и егзистира само заради дрвото. Секирата како архетипски елемент (создадено од телото на стеблото) демне во тлото на корењата на двете растенија како чувар на бршленот, но истовремено и како опасност за дрвото. Паднатиот лист е мапа на животот на дрвото пресликан во себе и сведок на целата сцена во сликата.
