Тел. : +389 70 453 573

Ликовна изложба Несовршен простор 6

Здружението за култура Транзен по шести пат ја реализира изложбата ,,Несовршен простор”. Се доделува и наградата,,Владимир Георгиевски”, во сеќавање на големиот мајстор на ликовната уметност, професорот Владимир Георгиевски. Добитник на наградата оваа година е младиот ликовен уметник Ѓорги Динев, а изборот на победникот беше направен во соработка со проф. д-р Фехим Хусковиќ. Оваа година наградата ја финансира и доделува семејството на професорот Георгиевски.

Делата на Ѓорги Динев се структурални, енформелни, навидум хаотични, но во нивната структура владее совршен распоред. Беспрекорна е ликовноста во композицијата. Неговото сликарство е симбиоза на графичките техники и сликарскиот јазик. Ликовните закони не се секогаш во хармонија со визуелните закони на природата. Ликовниот свет е автономен, независен и како таков тој содржи во себе посебни кодови на идентификација. Идентитетот на едно ликовно дело се потврдува преку отисоците и трагите од самиот автор, креаторот. Неговата целосна предаденост во процесот. Тие отисоци се видливи во делата на младиот уметник Динев. Самата техника е трансцедентна, некласична. Цртежот како да е изгребан во ѕид. А бојата е монохромна алхемија.

Темата на овогодишната изложба е ПУКНАТИНИ. Трагајќи по совршениот простор и пристап на ликовното дело, во концептот на изложбата ќе се бараат синхронизациите меѓу просторот во кој се создава и просторот во кој се изложува ликовното дело. И пак ќе се запрашаме: Постои ли совршено место за една слика, скулптура, графика, надвор од ателјето на уметникот? Како да ги вклопиме делата во светот? Постои ли совршен простор? И на оваа изложба ќе се направи синтеза од различностите меѓу стилските особености на неколку ликовни творци што активно создаваат во своите ателјеа: Андреј Митевски, Трајче Чатмов, Синиша Новески, Тони Попов, Перо Георгиев, Марјан Стојаноски, Љупка Галазка Василев, Ване Костуранов, Дамјан Ѓуров, Никола Пијанманов, Ѓорги Динев, Вангел Срнаков, Озбек Ајваз и Верица Арапова.

Кураторот на изложбата Никола Пијанманов, во каталогот ќе запише:
„ Нешто распукало во нас од наслагите на постоењето, можеби, или пак од самото раѓање носиме пукнатини во телото и душата. Од бол или од радост, можеби, или пак од грч и гнев, од молк и осаменост. Пукнатините се неизбежни во процесот на животните активности, а сé што живее е подложно на кршливост. „Затоа што кревкото е силно, цврстото умира“ (Лао Це).
Темата на изложбата ги третира тие пукнатини за кои најчесто не сме свесни, но постојат под површината и видливото… Постојат и во нашите творештва, созерцанија, како напукнати огледала чии линии се шират, како брчки низ одразите на лицата. Се обидуваме да ги затвориме, сокриеме, сошиеме, а можеби токму тие се клучот на нашата творечка истрајност.“

Изложбата ќе биде поставена во просториите на Europe House Струмица, и финансиски е поддржана од Делегацијата на ЕУ во Република Македонија.