На изложбата СРЕДБА ВО ПЕЈЗАЖОТ, во рамките на проектот „Несовршен простор 9“ во галеријата Метаноја во Скопје, синоќа му беше доделена наградата „Владимир Георгиевски“ на уметникот Трајче Чатмов.
Овогодинешното жири за наградата беа: Синиша Новески – скулптор, Јасминка Намичева – Виш кустос – советник и Перо Георгиев – архитект.
Јасминка Намичева се обрати пред присутните образложувајќи ја одлуката за наградата:
,,Наградата што вечерва ја доделуваме го носи споменот на Владимир Георгиевски — уметник во чие творештво сликарството е длабоко поврзано со прашањата за човекот, неговиот немир и духовните трагања. Неговата експресивна боја и драматична форма нè повикуваат да се задржиме пред сликата и да го почувствуваме она што живее под нејзината површина. Впрочем девизата на Георгиевски „дека природата е неговиот најголем учител“ е содржана силно во оваа денешна „Средба во пејзажот“.
Токму во таа моќ на сликата да го преобрази видливото во внатрешно доживување го препознавме созвучјето меѓу творештвото на Георгиевски и делото што го издвоивме. Во тоа дело средбата се случува и пред нас и во нас: меѓу земјата и светлината, меѓу препознатливото место и слободата на сликарската визија. Во тој миг, пејзажот станува лично искуство — средба што ја понесуваме со себе. Пределот добива сопствен пулс и го повикува гледачот да влезе во него. Во него, тежината на материјата се среќава со слободата на потегот, а монументалноста на формите — со светлина што отвора пат низ нив и нуди надеж. А надежта е таа која во денешнината е неопходна за да имаме уште безброј идни средби со пејзажот.
Наградата во спомен на Владимир Георгиевски му се доделува на Трајче Чатмов за делото „Демир Капија“.
Честитки до Трајче Чатмов и благодарност до сите уметници што со своите дела ѝ дадоа толку различни бои, топлини и надежи на оваа вечер.”
Покрај традиционалната награда, скулптура „Златен лист“, секоја година се доделува и парична награда од Здружението за култура Транзен.
Овогодинешната тема на изложбата беше пејзажот. „Средба во пејзажот“ беше насловот на изложбата во која учествуваа седумнаесет македонски сликари.
Уметникот и куратор на изложбата Никола Пијанманов, запиша во воведниот дел од каталогот за темата:
„Пејзажот е ликовна дисциплина, сликарски жанр во кој уметникот пробал физички да го оддели човекот од природата, да го ослободи просторот од неговото присуство, да го изрази светот без човечката историја.
Но, трагата на човекот останала засекогаш присутна во просторот, иако тој физички е можеби отсутен.
Пејзажизмот е душевен автопортрет на уметникот. Дали се тоа гавраните и усвитените житни полиња на Винсент, сребрените афиони на Личеноски, крвавите неба на Едвард Мунк кои врескаат од крик и бол, длабоките речни нимфи на Моне, бескрајните морски бури на Тарнер, хаотичните шуми на Сутин, суровите карпести пустини на Лубарда, белите предели на Мазев, скршените градови на Спасе Куновски… Пејзажизмот е еден од најстарите и најпоетските жанрови во ликовната уметност. Во него природата не е само позадина, туку суштина. Планини, реки, шуми, магли, заоѓања, немирни мориња, полиња, облаци или градски панорами стануваат средство преку кое уметникот изразува чувство, душевно расположение и философија на животот.Во европската уметност долго време пејзажот бил само спореден елемент и позадина во религиозните и историските композиции. Дури во XVII век, особено кај Фламанските мајстори, почнал да се развива како самостоен жанр. Но во 1596 година, Ел Греко ќе го наслика ,,Погледот на Толедо” без никакво човечко присуство. Градот како да се затресува пред апокалиптична бура која надоаѓа. Уметниците откриле дека едно обично поле, дрво или наоблачено небо можат да бидат исто толку возвишени и да ја изразат вистината како и портретот на некој благородник, кардинал или женскиот акт.
Подоцна, во XIX век, со романтизмот и импресионизмот, пејзажот доживува вистинска катарза. Постимпресионистите живееја во природа, тие станаа ,,едно” со пејзажот. За нив тоа не беше само естетски став, туку и начин на постоење. Експресионистите пак, уште подлабоко проникнаа во срцевината на жанрот, кај нив самата боја стана пејзаж. Џексон Полок кога го прашале: ,,Зошто не сликаш пејзажи?” одговорил: ,,Јас сум пејзаж!”
Но, денес психолошкиот пејзаж, критичкиот став кон урбаниот свет, е повеќе од било кога присутен. Човекот се гуши во градовите и бара излез. Сликарите го откриваат пејзажот.“