Тел. : +389 70 453 573

Женскиот модел во ликовната уметност

Помеѓу палеолитското ликовно дело Вилендорфската Венера и современата “Венера од Радишани” на Владимир Лукаш, поминати се речиси 20 000 години. Иако поминале милениуми постоење на човештвото и творештвото, овие две дела можеме слободно да ги поставиме во галеријата на современиот уметник. Едно до друго. Неверојатно е колку може да се насети духот на праскулптуралниот архетип. Истата страст, истата творечка опсесија да биде зачуван и “скаменет” женскиот принцип во уметничка творба, со речиси идентична температура на восхит, радост, иронија и возбуда. Пред нас е изложена трансформацијата на женскиот модел во една форма на субјективен симболички реализам. Тоа е еден култен и магичен обред на уметникот опседнат со тајната и мистеријата на жената. Уште еден доказ дека времето е ништожно во однос на убавината и мечтите. Зар можеме да кажеме дека едното дело е модерно, а другото само стар археолошки научен предмет? Првото исклесано во варов камен, второто насликано во дигитална техника. Од анонимниот автор на праисторијата до сликарот на модерното време стои само претставата на жената. Во двата случаи естетиката го победила времето, засекогаш. Музата на уметноста е откопана од песокта на историјата и баналноста на секојдневието, и тука повеќе нема дилеми. Во делата на уметниците времето не постои, или постои само во некоја поинаква димензија.
Темата е бескрајно долг уметнички извор и опсесија. Самата алегорија на творечката инспирација во уметностите се вика Муза, и таа е отелотворена во женско тело. Можеби најголемите човечки дела се создадени славејки го женскиот принцип. Преку праисториските актови и мајки, симболите на плодноста, горделивата египјанка Нефретити, музите во Помпеја, Нике победничката од Самотраки, тажачките во средновековните фрески, Рахела која со раширени раце крикнала по мртвите деца во густите сликарски зони на Марковиот манастир, секогаш тажната и преблага Богородица на православните икони, моќните титански Сибили на Микеланџело, таинствените дами на Леонардо. Преку светителките во екстаза и солзи на Ел Греко, па до величенствената Саскија на Рембранд, горделивите музи на Караваџо, бајковидните портрети на Климт и страсните раскршени тела на Пикасо, опојните еротски актови на Модилијани и сиромашните ткајачки на Ван Гог. Преку долгите суви фигури на Алберто Џакомети, опседнатите љубоморни девојки на Едвард Мунк, голите фигури на Егон Шиле свиткани од страст и неостварени желби, нежните детски ликови на Камил Клодел, горделивите мајки во сликарството на Мартиноски…
Човечката личност е посебна историја, метаисторија, поединечна, единствена и неповторлива драма на себеспознанието. Неа не можеш да ја собереш во учебниците и шкафчињата полни со папките на историчарите на уметноста. Тоа е континуитет сличен на колективната човечка историја, само што тука секој творец директно и неусловено ита кон целта, без зависност од ефемерното расположение на времето и историско – општествениот контекст (толку променлив а секогаш фиксиран во точката на кругот), овој континуитет ја допира вечноста. Ако историчарот ги запишува објективните творечки успеси, творецот го запишува неуспехот на колективната меморија. Затоа што творечкиот пат не еволуира, туку го трансцендентира зацртаниот план на постоењето и ги пробива границите на овој свет. На тој творечки пат, многу автори се определиле за женскиот принцип, како пасија во својот уметнички израз. Секој Одисеј ја има својата Пенелопе која го чека во ветената земја. Орфеј оди до чистилиштето да ја врати Евридика, жртвувајки ја својата бесмртност. Марија Магдалена прва го пречека воскреснатитот Христос и тоа ќе биде главното сиже на големите мајстори на сликарството и скулптурата. Секој Пјер Гинт ја има Солвејг. Модилијани ја има неисцрпната Жана со длабокиот поглед . Тоа е девојката која стана слика. Кој ќе ги објасни и одгатне склопените очи на Жана Ебитерн, таа несреќна и трагична муза, потонати во сликите на Модилијани, неколку денови пред да си го одзеде животот, брзајќи кон смртта но и бесмртноста на саканиот љубовник. Огист Роден кој ја скамени во скулптура својата вечна инспирација, Камил Клодел. И двајцата ќе останат засекогаш разединети во единството на творечкиот акт, [и во љубовниот] како недосонуван “сон од мермер”, како што напиша во една песна Шарл Бодлер. Франциско Гоја ја имаше војвотката од Алба, која понекогаш ќе се појави во сликите како љубовница, некогаш како светителка, а доста често и како вештерка во ноќните мори на уметникот. Последниот автопортрет на Паула Модерсон Бекер (големата инспирација за реквиемите на Рајнер Марија Рилке) каде преку сопственото огледало ја одгатнува тајната на длабоката смрт, од која толку се плашиме, смрт која во нејзиниот случај роди дете. (Паула почина по раѓањето на првото дете). Можеби е тоа и несреќната љубов на Винсент ван Гог и уличната девојка Кристина или нежните и тажни фигури на проститутките од Монтмартр кои толку величенствено ги овековечи Анри де Тулуз Лотрек…
На оваа изложба е претставена колекција од дваесетина дела, скулптури и слики, сите поттикнати и вдахновени од женскиот модел. Поставката на сликите прават еден ретро пресек на ликовната прокупација во македонската ликовна сцена со женскиот модел, од средината на дваесетиот век, до најмладите автори денеска.
Ако гледаме хронолошки, треба да почнеме од акварелите на стариот мајстор на сликарството Атанас Мучев (1917 – 1962). Жената со шамија од 1937 година. Сликата е создадена во еден здив, како што обично се работи фреското на влажен малтер, така е замрзнат погледот на оваа анонимна жена која авторот ја познавал во средината на минатиот век. Никогаш нема да го запознаеме идентитетот на оваа жена, но ние денес го познаваме нејзиниот лик. Второто дело е “Балерината” на Спасе Куновски од 1953 година. Едно од најзначајните портретни дела во македонската ликовна уметност. Уморна балерина уловена со продорниот поглед на уметникот во миг на пауза, помеѓу две сцени, помеѓу две изведби, со блажен и просветлен лик, сместена во сенките на мистичниот простор, пред завесата која го дели нејзиниот внатрешен свет и оној на претставата. Вистинско ремек дело на сликарството на психолошкиот портрет. Слика достојна за големите портрети од романите на Тургењев или Виктор Иго.
“Портретот на мајката” од Бранко Кончалиев (1949 – 2016) од 1975 година е исто така една суптилна композиција во која се огледува огромната љубов на авторот кон таинствената и чудесна мајчинска топлина. Мајката е претставена на сликата во еден момент на медитативен занос и посветеност. Плетењето на орнаментиката вешто продолжува во просторот низ целата композиција. Во апстрахираниот простор позади фигурата, се гледа и печатот на едно усвитено сонце (присутно во делата на Кончалиев од тој период) кое дополнително ја вжештува близината и љубовта кон мајчинскиот принцип. Платното блеска од светлина. Сликата е универзален симбол на мајчинството.
Скулптурата на Момило Петровски Момо (1956 – 1996) е тотемска скулптура исклесана во орев. Налик на скулптурите кои Гоген ги работеше во својот егзил на Тахитите, каде бегајки од лицемерната цивилизација и западниот канон, тој целосно се посвети на домородната уметност на автентичните народни творештва. Атрибутите на актот се истакнати и видливи, градите на плодноста и животот доминираат, целиот напор на женското голо тело е насочен кон излез, од дрвото и материјата, или од недовршениот свет на авторот кој творел експресивно и делирично. Како во екстаза. Во сликата на Стојан Пачов(1934 – 2015), “Жена во простор” со негов препознатлив начин и стилски израз, уметникот во еден поетски импресионизам ја гради атмосферата која е растопена и слеана во една целина и хармонија. Се насетува жената со разголемо торзо.
Во сликата “Срамежливост” на Ниче Василев, една млада девојка ја спознава својата интима. Лирската голотија на овој акт е толку суптилна, што прави гледачот да го сврти погледот, самиот да се засрами од откривањето на величенствената тајна на младата жена. Во скриениот поглед се насетува тага од суровоста на светот, кој надоаѓа како некој натрапник во приватноста на сокриената личност. Ова срамежливо тело сокриено во интимата на убавината на една млада девојка е еден од поубавите актови во нашата сликарската уметност на женскиот акт.
Од современите автори на изложбата се издвојуваат делата на Ване Костуранов со тажната и срамежлива принцеза која држи мистичен цвет, како некоја таинствена амајлија со која се заштитува себеси и својата внатрешна убавина од суровиот и несовршен свет. Скулптурата на Гордана Хаџи Николова Малашев исклесана во дрво, со моќна и убедлива стилизација која потсетува на искреноста и магиската моќ од примитивните праскулптури. Главните атрибути се позлатени со што се истакнува нивното магиско дејство. Детскиот портрет е како едно далечно сеќавање на сликарот Тони Попов, како секвенца од минат живот кој некогаш се враќа низ соништата и привиденијата. Елеганцијата и префинетата естетика во портретот “Зелен турбан” на Зоран Кардула, со еден речиси психоделичен и волшебен свет кој се отвара во просторот зад фигурата. Длабоко отвореното “Око”на Гоце Илиевски во чија длабочина е сместена целата преокупација со женскиот свет на уметникот, композицијата со “Косата” на девојката од цртежите во полиптихот на Владимир Илиевски, расчленетата и фасцинантна надреална композиција во сликата Мапирање на женското тело, од Вангел Срнаков, цветовите посветени на “Мајка” од уметницата Мирјана Крстева Массети. Во сликата на Гергана Ѕингарова, еден замислен и паднат ангел ги сошива своите крилја, за што поскоро да одлета од светот во кој природно не припаѓа, свет кој е туѓ и суров за ангелоидните битија. Во делата на Гергана женскиот модел е своевиден поетски авторортрет, преобразен во универзален лик како архетип на изгубеното детство. Во сликата “Детство” на Никола Пијанманов основен е контрастот и контрапунктот меѓу тажниот детски лик со уморното кревко тело, и насмеаната, вештачки развеселена кукла, купена од детски бутик, која припаѓа на светот на возрасните. Во скулптурата на Дамјан Ѓуров имаме буквално скаменување на женската убавина во камен. Металната обвивка на идеалната форма исклесана во гранит, додава уште поголема тежина на оваа Муза која сонува. Делото на Дамјан има силна врска со природните цврсти елементи, но со нив успеал да ја преобрази мекоста на формата. Љупка Галазка Василев во делото “Осаменост”, со остар и експресивен цртеж го стилизира женскиот лик до ниво на апстракција. Психолошката состојба и тука е во прв план, како во грч овој лик, само се насетува во композицијата низ бурата од линии и брзите потези на графитот. Во колажите на Верица Арапова испреплетена е играта на цртежот и бојата искористена од рециклирани весници. Во нејзината слика има автопортретски момент на себетрагање низ густата шума на непознатото. Портретот во сликата на Славица Милева е расчленет на солзи и очи кои плачат. Целата композиција е во функција на тагата на една жена. Детскоста и искреноста со која е насликана ја прави оваа слика лична исповед на едно силно доживување. Како дневнички запис во тетратка.
Долгата и неисцрпна преокупација со претставата на женскиот принцип во делата на ликовните уметници, не престанува. Таа е вечна како и самата уметност. Неа може да ја замени или врати во песокта на историјата само процесот на дехуманизација на човечкиот род, оттуѓувањето од природата и архетипите на убавината, амбисот на потрошувачката анархија, стерилизацијата на креативната крв, забрзаното пренасочување од наследството на културата и духот. Но уметникот ќе го зачува тој принцип, како што Дон Кихот со своите подвизи го одбрани ликот на Дулчинеја.

Никола Пијанманов август 2018