Тел. : +389 70 453 573

Додека не добиеме лица

  • October 23, 2025 at 12:00 am
  • Completed

Портретот или автопортретот е интимно уметничко дело чиј фокус е лицето — најпрепознатливиот израз на личноста. Да се долови погледот, насмевката или тагата бара исклучителна заемност меѓу уметникот и моделот, дури и кога тој постои само во мислите. Врската и довербата меѓу нив се суштинска. Единаесетте сликари и еден вајар на оваа изложба ја воспоставиле таа доверба, откривајќи ја својата душа преку лицата што ги сликале. Публиката гледа и во уметникот и во неговиот „друг“. Во секој портрет се откриваат личните прашања, стравови, радости и болки што го сочинуваат животот.

Што носи животот? Во сликата „Unus Ex Vobis“ Мартина Спасовска го поставува тоа прашање преку контрастот меѓу пркосниот поглед и кревкото лице на младата жена. И покрај ранливоста, нејзините очи непоколебливо порачуваат: „Тука сум.“ Насловот, што на латински значи „Еден од вас“, алудира на библиската реченица од Јован 13:21 — моментот кога Исус вели дека еден од учениците ќе го предаде. Во тој контекст, портретот добива двојно значење: израз на женската обесправеност и на предавството што секој човек го носи во себе. Делото ги разоткрива совеста и емпатијата на набљудувачот, повикувајќи го да се запраша — „да не сум јас?“

Следниот портрет, „Пукнатина во сѐ“ на Ване Костуранов, стилски е спротивен на претходниот, но буди слични чувства. Лицето е сокриено со рака, торзото се губи во темна заднина, а колоритот на црна, темно сина и крваво црвена создава атмосфера на чемер и трагедија. „Пукнатината“ меѓу прстите пропушта темнина наместо светлина — лице напукнато како и светот околу него, загаден и распукан.

Автопортретот на Тони Попов, „Се погледнав себеси“, пак, ја насочува драмата навнатре. Уметникот се гледа во огледало, каде светлината што доаѓа одзади го остава лицето во сенка. Контрастот меѓу осветленото и затемнетото ја отвора дилемата за вистината што не сакаме да си ја признаеме. Погледот е сериозен и созерцателен — егзистенцијален чин на самоиспитување што ја повикува и публиката на истото.

Самозалажувањето е лесно, затоа и најопасно — секој човек е чекор до својата „Трагедија“. Во диптихот на Стефан Младеновски, насликани се два портрети разделени со соѕвездието „Крвав пат“, како да се оддалечени со милиони светлосни години. Дали некогаш ги споила љубовта, а сега ги дели омразата или судбината? Левиот лик наликува на златна посмртна маска, десниот во миг на memento mori ја гледа својата „златна“ сенка. Делото потсетува дека вистинската трагедија не е зависи од сигурната смрт, туку од начинот на кој го живееме животот.

Како живееме? Затворени во кули од слонова коска, додека смртта ги коси најневините. Во „Девојчето од Газа“ Никола Пијанманов ја претвора оваа вистина во потресен крик. Крваво платно, крвави очи и чело на синоокото девојче родено во најголемиот современ логор — Газа. Препознатливата белина на Пијанманов тука изгледа заробена, лишена од слобода. Единствен зрак надеж се блескавите сини очи — парче небо што го симболизира вечниот копнеж по слобода и живот, поглед полн со болка, но не и со очај.

Од реалистичен експресионизам изложбата преминува кон изразен експресионизам и гестурална апстракција. Во диптихот „Од циклусот ликови“ Игор Мишевски не ја бара точната физиономија, туку емоциите впишани во топографијата на лицето. Секој потег е интуитивен и неповторлив, лицето станува експериментален простор. Едниот портрет е во студени, потемни тонови — знак на дистанца, другиот во потопли — повик на разговор и заедништво. На двата се читаат „планини“ и „реки“ на чувствата, како емотивна карта на човештвото.

Сликата „Носталгија“ на Никола Тренов нѐ внесува во лирски и психолошки портрет, каде експлозивната емоција ѝ отстапува место на елегичната смиреност. Балансот меѓу топли и студени пастелни тонови создава атмосфера на меланхолија и севдах — тажна убавина и распеан копнеж. Студената заднина го нагласува топлото лице исполнето со тивка болка за архетипскиот дом, местото каде меланхолијата, севдахот и радоста се претопуваат во единствена емоција на спомен и копнеж.

Постекспресионистичкиот портрет „Адолесцент“ на Томе Мишев нѐ потсетува на чувствителната возраст меѓу детството и зрелоста. Композицијата, интензивниот колорит и прецизната техника го изразуваат немирот, несигурноста и притаениот бунт на младоста. Накривената глава и смирениот поглед откриваат созерцателност среде внатрешна бура — свет што „гори“ и брза, а пред младото суштество стојат безброј избори и само еден живот. Мишев со емпатија ја претставува тежината на адолесценцијата и нѐ потсетува на сопствената одговорност кон светот што ќе го наследат младите.

Контрастот меѓу немирот на „Адолесцент“ и смиреноста во „Жолтокосата“ на Ниче Василев создава поетска рамнотежа. Василев слика во модернистички стил со човечка топлина — не конкретна жена, туку алегорија на женственоста исполнета со ренесансен оптимизам. Ликот е достоинствен, а контрастот меѓу темно виолетовата и светло црвената ја нагласува нејзината внатрешна сила. Издолжениот врат и лице симболизираат грациозност и решителност. Жената не е објект на погледот, туку субјект што спокојно нè гледа. Во таа ненаметлива присутност Василев постигнува сложена убавина преку контролирана едноставност.

Ништо не е навистина „едноставно“ во „Портрет со велосипед“ на Сергеј Андреевски. Во преден план е велосипедот, изведен со енергичен акционен експресионизам каде секој потег има психолошка смисла. Зад динамиката се оформува лик чие торзо и лице се претопуваат низ циклични линии — визуелен превод на движењето на мислата. Црните линии наликуваат на виолински клуч, спојувајќи звук, ритам и форма. Едното око е црно, другото сино; образите – бел и портокалов. Овие контрасти симболизираат чистота и тишина, интимност и виталност. Андреевски создава алегорија за човечкото битие – парадоксално, динамично и длабоко двојствено.

Што е човечката убавина и може ли да се измери? Никола Срнаков го истражува ова прашање во триптихот „Убавина позади пластична фолија“, хиперреалистичен портрет на млада жена во три позиции — нагоре, фронтално и надолу. Првата изразува возвишеност, втората, со иконска сериозност, критикува современ култ кон совршената естетика, а третата нуди интимна созерцателност. Монохромната зелена позадина и пластичната фолија создаваат чувство на изолација и вештачка стерилност. Лицето станува симбол на убавина задушена во синтетика — убавина што опстојува само ако се ослободи од нејзината пластична обвивка, дури и по цена на стареењето. Зашто, има ли нешто поубаво од самиот живот?

Наспроти хиперреализмот на Срнаков, стои „Молитва“ на Синиша Новески — скулптура во гипс и модерен експресионизам. Новески не бара анатомска точност, туку духовна суштина: образот Божји што се препознава однатре, преку срцето. Комбинирајќи модерна експресија со византиски иконопис, создава вертикално издолжен лик со аскетска благородност и целосна хармонија. Формата потсетува на икона во три димензии — високо чело, смирен израз, чувство на совршенство. Видливите траги од алатката и прстите сведочат за материјалната борба зад духовниот мир. Скулптурата е симбол на рамнотежата меѓу телесното и божественото, а нејзината молитва не заложба за заслуги, туку израз на благодарност и сознавање дека духовниот баланс доаѓа од повисока хармонија.

Секој портрет од изложбата „Лица“ отвора егзистенцијални и антрополошки прашања, совршено усогласени со духот на Владо Георгиевски, во чија чест е поставена. Изложбата е чевствување на неговото упорно, „донкихотовско“ трагање по човечното во човештвото.

д-р Коста Милков

Балкански институт за вера и култура 

Share it on