Тел. : +389 70 453 573

Паднатиот дух – кревко крило над Струмица

Имав само осумнаесет години кога љубовта со волшебна светлина ми ги отвори очите и првпат ми ја допре душата со своите огнени прсти“. Така, со оваа реченица почнува една од најтоплите источни приказни за првата, најчиста љубов кај човекот. За неа Калил Џибран зборува нежно, речиси возвишено. А, по неа, по „Скршените крилја“, ја имаме најверојатно токму оваа слика: Наведнат младич среде цвеќиња и кревки тревки со едно високо кренато и едно паднато крило, неупотреблив дел од телото што не се составува и не може повторно да срасне. Првата илузија сронета од човековото битие, како слој излуштен до болка, до чувствително крваво месо.
Вистинска штета е што човекот нема крилја, а и кога би ги имал, едното најверојатно ќе биде токму како овој приказ – скршено и беспомошно полегнато покрај него. Како потсетник на тоа што може, но нема да биде. Осуден на земја, на од по ова неподносливо време, со едно крило – бреме, тоа е човекот, засекогаш прогонет од Еденската градина.. .Како Адам пред портите на Рајот, неутешно седнат отаде светлината, во еден неразбран мрак, таков, несовршен се чини и човекот – ангел од најновиот мурал на струмичката тмурна реалност.
Не се сеќавам дали во последниве децении, барем во оние што сум лично учесник и сведок, човекот имал поголема потреба, скоро нужност да се крене над својата земја, над својот живот, над своето време. Да погледне од високо дали изгледа исто толку безнадежен векот на пандемии, клети болести и засекогаш загаден воздух, од кој потемнува и отежнува душата, та и да има крилја, би паднале сами од толку отрови и игри со „недозволеното“.
Од митолошките приказни до најсовремените, луѓето копнеат по своите крилја, по својата надтелесна слобода, по желбата да се спознаат подобро и од тој стремеж постојано се самоповредуваат и страдат. „Интелигенцијата е најбрзата од сите птици“ се вели во Риг Веда, а по неа човекот постојано копнее, станува симбол на неговата победа над просечноста и во овој материјален свет, како и во древните филозофии, тоа е единствениот начин да стане птица – да стекне крилја. Сепак, интелигенцијата е птица што честопати човекот ја турка од своето рамо, ја откршува како ова крило, не сака да ја летне, ја препелка во прав и одбира немоќ.
Овој паднат ангел на Владимир Илиевски во моментов е визуелизација на отуѓеноста, икона над булеварот во Струмица – и утеха и казна истовремено на она што сме го изгубиле и на тоа кон што сѐ уште можеме да натежнеме, потрагата по подлабока духовност која секогаш испливува од тежина и немир.
Надежта е токму во овие долги пердуви – крилја, напола откината – напола жива, подготвена со еден замав да го крене човечкиот дух кон вечната градина на сончеви цвеќа.

Сузана Мицева ноември 2020 год.