Тел. : +389 70 453 573

Несовршен простор „Метаморфози“ 2021

  • August 3, 2021 at 9:17 pm
  • Completed

Несовршен простор е четврта по ред изложба, во организација на Здружението за култура Транзен. Проектот ги истражува различните простори за изложување на ликовните дела. Секоја година просторот на изложбата е различен, во потрага по совршениот простор. „Несовршениот простор” е вечната болка на уметникот, на уметничкото дело. Одделени од ателјето, тие лутаат низ апсурдниот свет на чудата. Бездомни дела кои заглавиле низ лавиринтите на претставувањето. Чудниот спој на несинхронизирани простори, вештачки светла и самотија, молк околу сликите и скулптурите, се фантасмагорични феномени на изложувањето. Како во надреалните соништа на Франц Кафка.
Постои ли совршен простор за уметничкото дело?
Оваа година шеснаесет сликари и вајари го истражуваат феноменот на Метаморфозата. Во текстот на каталогот, ликовниот уметник и куратор на изложбата Никола Пијанманов, запиша за темата на овогодинешната поставка:
„Кога се разбуди Грегор Самса едно утро, после немирните соништа, примети дека се претворил во една огромна бубачка која лежи на креветот…Што е тоа што се случило со мене? Тоа не е сон… “
Вака Франц Кафка го започнува својот расказ Метаморфоза, во кој главниот јунак (или антијунак) се буди од еден кошмарен сон, за да потоне во уште покошмарно јаве. Неговиот лик сака да ја надмине состојбата во која е заглавен, состојба на секојдневието и тој потсвесно бара излез од неа. Нашите животи се една континуирана преобразба во која согорува старото Јас. Таа преобразба, зависно од соништата кои ги сонуваме и јавето кое го живееме е или страшно сновидение, или излез и спас од кошмарниот свет на секојдневието. Уметникот е мајстор на преобразбите. Тој ги конвертира своите модели и замисли во нешто друго, поинакво од сенките на секојдневните форми и видливи објекти. Уметникот е алхемичар во метаморфозата на секој објект, од кој произведува или нови форми или нови неформи. По операцијата која ја врши врз моделот, тој не може да остане ист. Тој се преобразува. Но, можеби најчудесниот феномен во тој креативен процес, не е самата преобразба во делото, туку преобразбата на самиот творец кој го креира тоа дело. Творецот се преобразува во нешто друго додека го создава своето дело. И тој процес ги надминува естетските скалила на издигнување.
Преобразите се неосетни, а преобразувањето остава лузни, траги. Бележењето на трагите е можеби единствениот начин да се запознаеме себеси. Од дете до старец, од ембрион до ковчег, зар постои крај на преобразбите? Не! Затоа можеби и најсилната, најтаинствената преобразба е онаа последната, онаа за која секој се родил и постоел на светот. Преобразбата на смртта во…
На изложбата Несовршен простор, секоја година здружението Транзен ја доделува наградата Владимир Георгиевски, во чест на великанот на македонската ликовна уметност, професорот Владимир Георгиевски.
Оваа година наградата ја добива ликовниот уметник Андреј Митевски за скулптурата „Форма која се раѓа“.
Учесници-
Андреј Митевски
Тони Попов
Милан Андов
Ване Костуранов
Дамјан Ѓуров
Nikola Pijanmanov
Стефан Младеновски
Ѓорги Динев
Љупка Галазка Василев
Марија Мицова Гацова
Владимир Илиевски
Илија Маџаров
Илко Стојановски
Славица Милева
Давид Атанасоски
Верица Арапова

Share it on